Нов концепт во основното образование најавува министерката за образование и наука, Мила Царовска. Таа денеска на онлајн-состанок со директори и наставници од основните училишта разговараа за создавање на образование кое е во најдобар интерес на децата.
„Новата концепција ќе значи повеќе време во училиште, помалку предмети, односно спојување на повеќе предмети во еден, повеќе интеракција помеѓу наставниците и учениците и помеѓу самите ученици. За сето ова е потребна максимална посветеност на наставниците коишто низ креативен и инспиративен начин низ наставата и дополнителни активности вон наставата ќе го поттикнат полниот потенцијал кај секое дете“,
рече Царовска.
Со реформите е предвидено учениците да поминуваат повеќе време во училиште, но не само за настава, туку и за други активности и курсеви како што се дополнителен спорт, дополнителни часови по кодирање, дополнителен странски јазик и слично.
Искуствата за подготовка на новата концепција се црпат од десетина европски земји меѓу кои Словенија, Естонија и Финска. Клучни за промените се и резултатите од меѓународните тестирања, домашните анализи, како и ставовите на наставниците, родителите и учениците, кои даваат јасна слика и во која насока треба да се движи образованието.
На состанокот се обрати и Директорот на Бирото за развој на образование (БРО), Зеќирија Хасипи, а презентацијата на концепцијата ја водеа членови на работната група проф. д-р Виолета Петровска Бешка од Институтот за психологија и Митко Чешларов од БРО.