„Нека им го одобри Судскиот совет, нека им го одобри Советот на јавни обвинители и нас нека не информираат и нека ни кажат, во буџетот за оваа цел ни се потребни икс парички. Ќе ги одобриме“, вели премиерот Христијан Мицкоски

Судската власт и Јавното обвинителство да направат список за потребите, и ако тоа го одобрат Судски совет и Советот на јавни обвинители, Владата уште за 2026 година ќе им ги обезбеди парите што им недостасуваат, вели премиерот Христијан Мицкоски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Христијан Мицкоски: Нека седнат и нека направат објективно колку им требаат истражители, колку асистенти, нека направат систематизација, нека унапредат eве тие како мислат. Нека им го одобри Судскиот совет, нека им го одобри Советот на јавни обвинители и нас нека не информираат и нека ни кажат, во буџетот за оваа цел ни се потребни икс парички. Ќе ги одобриме.
„360 Степени“: Јавниот обвинител кажа дека три години по ред бара вработувања, ниедно не му одобруваат. Не му одобруваат дури ни за природниот одлив.
Христијан Мицкоски: Јас не знам за пред три години, јас зборувам за сега. Еве, јавно кажувам, јас сум премиер и претседател на Владата година и половина. Еве, за следниот буџет, слободно нека седнат, нека направат, , нека ги поминат таму…
„360 Степени“: За 2026 или за 2027 година?
Христијан Мицкоски: За 2026 г. зборувам.

Премиерот дообјасни дека ако поголем дел од парите се потрошат во првите неколку месеци од 2026 г., наведените потреби би се покриле со ребаланс на буџетот.
„Во првите четири-пет месеци ќе се потроши дел од тие пари. И за нововработените, ќе биде малку поголем тој дел. Тој дел, таа разлика, со ребалансот ќе им биде вратена. За целата година. Еве да се дообјаснам“,
рече тој.
Во однос на преписките на релација правосудство-премиер и тонот при неговите зачестени коментари во јавноста дека правораздавачите не ги заслужуваат примањата, Мицкоски вели:
„Јас сум одговорен кон парите на граѓаните што се трошат, како се трошат. Да, има законодавна, извршна, судска власт, сега не треба така да ги отвораме основните работи, мене ми е сето тоа јасно. И немам никаков проблем јас со сето тоа. Но, истовремено, имам право па и јас да си кажам свој коментар, така? Никој мене не може да ме цензурира. Не морате да се сложите. Можете да бидете против. Јас ви кажувам дека мислам дека се соодветно платени за да испорачаат многу повеќе од тоа што го испорачуваат. Тие велат тоа не е доволно. Нас ни требаат асистенти, нас ни требаат истражители. Во ред, во ред. Еве јавно им кажувам – направете список, кажете колкави се фискалните импликации, со ребалансот следната година ќе бидат надополнети тие пари. Не бараме ништо. Еве само нека не информираат. И едните и другите“,
вели Мицкоски.
Првиот човек на Владата не отстапува од тезата дека државата одвојува доволно за правосудството, повеќе од многу развиени земји.
„Ние издвојуваме 0,39% од БДП. Европскиот просек е 0,30%, значи сме повеќе, тоа е прво. Второ, БДП по глава на жител – ние издвојуваме трипати помалку од европскиот просек, во услови кога нашиот БДП по глава на жител е петпати помал“,
посочи тој.
Претходно, државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, во интервју за „360 степени“, посочи дека Министерството за финансии не им одобрува ни едно вработување, а оваа година немаат кој да им ја потпише завршната сметка. Кажа и дека имаат само тројца информатичари на ниво на цело јавно обвинителство. Наведе и пример за конкретен случај што го водат – вештачење на само една тегла мазут во странство ги чини 1 500 евра, а во случајот треба да се проверат 300 тегли. Посочи и дека имаат систематизирано повеќе од 1 000 места во јавнообвинителската служба, а сега функционираат со само 360.
