Повеќе од половина нови случаи со ковид-19 во светот изминатата недела се од Индија и Бразил, покажуваат податоците на СЗО, пренесува Гласот на Америка.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Адана Гебрејесус, порача дека тоа што се случува во овие две земји може да се случи каде било ако не се преземат мерки за заштита на јавното здравје на кои организацијата повикува уште од почетокот на пандемијата, како што е носењето маски, држење растојание и хигиена.
Тедрос ја акцентираше и помошта која СЗО ја испратила во Индија како што се резерви од медицинска опрема, вклучувајќи и боци кислород и монтажни болници за да се справи со ситуацијата.
Според податоците на Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во текот на изминатата недела Индија забележала рекордни 2,6 милиони новозаразени, а Бразил 414 123.
Денешниот извештај од Министерството за здравство на Индија, пак, покажува дека вчера биле потврдени околу 370 000 случаи со ковид-17 и тоа е 12. ден по ред како бројот на новозаразени не се спушта под 300.000.
Од почетокот на пандемијата во Индија се регистрирани околу 20 милиони случаи на зараза со коронавирусот, а вкупниот број на смртни случаи се движи околу 220 000.