Во отвореното писмо објавено вчера се вели дека организаторите на фестивалот не го исполниле барањето да издадат изјава со која ќе го потврдат правото на живот на Палестинците и да се обврзат да го заштитат правото на уметниците јавно да зборуваат за ова прашање
Повеќе од 80 актери, режисери и други уметници кои учествуваат на Берлинскиот филмски фестивал, меѓу кои и Тилда Свинтон и Хавиер Бардем, потпишаа отворено писмо до организаторите објавено вчера, а во кое ги повикуваат да заземат јасен став за војната на Израел во Газа.

„Апелираме до Берлиналето да ја исполни својата морална должност и јасно да го изрази своето противење на израелскиот геноцид, злосторствата против човештвото и воените злосторства против Палестинците“,
се наведува во отвореното писмо објавено во списанието „Варајети“.
Според дел од експертите за човекови права, научници и истражители на Обединетите нации (ОН), нападот на Израел и операциите што земјата ги спроведуваше во Газа може да се оквалификуваат како геноцид.
Од друга страна, ставот на Тел Авив е дека неговата воена интервенција во Газа била исклучиво со самоодбрана по нападот на Хамас врз јужниот дел на Израел во октомври 2023 година, што доведе до двегодишна војна, која заврши со договор за прекин на огнот во октомври лани.
„Згрозени сме од институционалниот молк на Берлиналето“,
се вели во писмото, што го потпишаа и актерите Адам Мекеј, Алија Шавкат и Брајан Кокс, како и режисерот Мајк Ли.
Во писмото се вели дека организаторите не го исполниле барањето да издадат изјава со која ќе го потврдат правото на живот на Палестинците и да се обврзат да го заштитат правото на уметниците јавно да зборуваат за ова прашање.
„Ова е најмалку што можат и треба да направат“,
се вели во писмото.
Засега нема коментар од организаторите на фестивалот во врска со отвореното писмо.
Берлинскиот филмски фестивал се смета за најполитички од другите вакви настани, како што се филмските фестивали во Венеција и во Кан, и се гордее со прикажувањето филмови од недоволно застапени заедници и со промовирање млади таленти.
Сепак, фестивалот постојано е критикуван од пропалестинските активисти за тоа што не зазема став за Газа, за разлика од војната во Украина и ситуацијата во Иран.
Отвореното писмо, исто така, ја осуди изјавата на претседателот на жирито, Вим Вендерс, дека филмските работници треба да се држат подалеку од политиката.
„Не можете да го одвоите едното од другото“,
напиша Вендерс.
Неговата изјава ја поттикна писателката Арундати Рој да се повлече од фестивалот, нарекувајќи ги неговите изјави неприфатливи.
Директорката на фестивалот, Триша Татл, одговори дека на Берлиналето има слобода на говор и го бранеше правото на уметниците да не коментираат политички прашања, предупредувајќи дека од нив сè повеќе се очекува да одговорат на секое прашање и дека се критикувани ако нивните одговори некому не одговараат.
