Во силниот земјотрес се повредени најмалку 1 300 лица
Во силниот земјотрес што вчеравечер го погоди Авганистан загинаа повеќе од 600 луѓе – број што талибанските власти стравуваат дека и натаму ќе се зголемува.

„Според најновите информации за земјотресот во провинциите Кунар и Нангархар, 610 лица загинаа, 1 300 се повредени, а голем број куќи се уништени во провинцијата Кунар. Во провинцијата Нангархар загинаа 12 лица, 255 се повредени, а десетици куќи се оштетени“,
изјави портпаролот на талибанското Министерство за внатрешни работи Абдул Матин Кане.
Официјални лица информираа дека локалните власти и жителите учествуваат во спасувачки операции, а спасувачки тимови се упатуваат до местата погодени од земјотресот. Повредените се транспортираат со хеликоптер во регионалната болница во Нангархар.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, изјави дека тимот на ОН во Авганистан е мобилизиран и нема да ги штеди напорите за да им помогне на оние на кои им е потребна помош.
Првичниот земјотрес што го погоди Источен Авганистан беше со јачина од 6 степени според Рихтеровата скала, по што следуваа два последователни потреси од 5,2 степени и еден со јачина од 4,7 степени.
Освен во провинцијата Кунар, каде што е регистриран епицентарот на земјотресот, жртви се евидентирани и во провинциите Нангархар и Лагман, а потресот е почувствуван и во делови од главниот град Кабул.