Тврдењето е на директорот на Националниот економски совет на Белата куќа, Кевин Хасет, кој во интервју за Еј-би-си ги бранеше тарифите на претседателот Доналд Трамп и ја отфрли проценката дека тие ќе доведат до поскапи производи за американските потрошувачи. Кажа дека земјите се лутат и одмаздуваат, но и додаде „доаѓаат на маса“
Една од државите кои разговараат со САД за тарифите е и Северна Македонија. Како што изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, Владата била во постојана комуникација со САД. Кажа и дека за многу скоро денеска очекувал добра вест за македонските граѓани и македонската економија. Трамп ѝ стави на земјава една од повисоките тарифни стапки – 33%
Повисоките тарифи нема да влијаат врз цените што ги плаќа американскиот потрошувач, изјави денеска директорот на Националниот економски совет на Белата куќа, Кевин Хасет. Да беше така државите низ светот немаше да им бидат лути на САД, дополни тој. Лути се, продолжи во интервјуто за Еј-би-си, затоа што на нив ќе падне товарот од повисоките тарифи.

„Значи, факт е, земјите се лути и се одмаздуваат – и, патем, „доаѓаат на маса“. Добив извештај од (трговскиот претставник на САД н.з.) минатата ноќ, дека повеќе од 50 земји побараа да воспостават контакт за да започнат преговори, но тие го прават тоа затоа што разбираат дека ќе сносат голем дел од тарифата“,
изјави Хасет за Еј-би-си.
Соочен со контра-прашањата на домаќинот на емисијата, дека берзите, инвестициските фондови, економистите, сите предвидуваат раст на цените, Хасет на кратко призна дека цените на некои производи можеби и ќе пораснат. Но, потоа се обиде да објасни дека тоа не значи пад на стандардот, како што не значело дека стандардот на американскиот граѓанин пораснал во последните децении откако Кина влезе во Светската трговска организација, а пазарот во САД доби евтини производи.
Ако евтините производи беа одговорот, ако евтините добра се она што прави реален раст на платите, раст на благосостојбата на Американците, тогаш реалната плата ќе пораснеше во овој период. Наместо тоа, (реалната плата н.з.) таа падна, бидејќи платите паднаа повеќе отколку што паднаа цените. Значи, имаме евтини производи во продавница, но имаме помалку работни места.
изјави Хасет.
И додека ова интервју на Хасет говори за целите кои САД сака да ги подигне со тарифите, првиот човек на македонската влада кажа дека Скопје веќе е во комуникација со Вашингтон во врска со прашањето. Со тоа, земјава влегува во групата на 50 држави кои разговараат со администрацијата на Трамп по прашањето.
Со таа разлика што премиерот Христијан Мицкоски беше и оптимист за брзо решение.

„Работиме и на таа тема. Со САД сме во постојана комуникација и со Министерството за економија и Министерството за финансии. На дневна основа работат тимови и телефонски се разговара. За многу скоро денеска очекувам добра вест за македонските граѓани и македонската економија“,
рече Мицкоски.
Трамп ги најави тарифите во средата. Се однесуваат на речиси сите држави со кои САД има трговија. Чекорот на Трамп предвидува 10% тарифа на цел увоз во земјата, плус поголеми тарифи за одредени држави. Северна Македонија „заработи“ една од повисоките стапки – 33%.
Веднаш по најавата, берзите забележаа големи падови, а дел од државите најавија зголемување на тарифите за увоз на производи од САД. Демократите и други критичари на економската политика на САД предупредија дека САД може да влезе во рецесија, а целиот чекор да има сериозни последици на политичките односи меѓу САД и нивните меѓународни партнери и сојузници.
Универзалната тарифа од 10% стапи на сила вчера. Дополнителните повисоки тарифи за одредени држави стапуваат на сила во среда.