Министерот за здравство, Азир Алиу, вели дека скринингот бил добро прифатен од локалното население и дека Министерството во следниот период ќе продолжи да ја следи состојбата, во сработка со Клиниката за пулмологија и сите надлежни институции
Над 200 лица биле прегледани во рамките на скринингот што изминатите два дена медициски екипи од Клиниката за пулмологија го спроведоа во скопското село Трубарево по големиот пожар во објкет на фирмата „Ф-групација“, во кој гореше електричен и електронски отпад, информираа денеска од Министерството за здравство.

Скринингот беше спроведен од Министерството во соработка со Клиниката за пулмологија, со цел навремено да се откријат евентуални симптоми на заболувања на дишните патишта кај локалното население како последица на пожарот.
Како што информира министерот за здравство, Азир Алиу, во текот на вчерашниот ден биле прегледани над 100 на двата пункта во Трубарево. Осуммина од нив добиле упати за дополнителни прегледи на Универзитетската клиника за пулмологија, поради хронични заболувања за кои подолго време не направиле контролни прегледи.
„Овој скрининг имаше голем одѕив со над двесте прегледани пациенти во два дена и беше навистина добро прифатен од локалното население, и во следниот период продолжуваме да ја следиме состојбата во соработка со Клиниката за пулмологија и сите надлежни институции“,
вели министерот Алиу.
На првиот ден од скринингот, односно во средата, како што изјави ресорниот министер во телевизиско гостување, биле прегледани 111 лица, од кои 11 добиле упат за дополнителни испитувања на Клиниката за пулмологија. Со вчерашните осум, ова значи дека вкупно 19 граѓани ќе треба да направат понатамошни прегледи на Пулмологија.
Според информациите од тимовите од Клиниката за пулмологија, пациентите кои биле упатени на Клиниката имале симптоми како потешко дишење, сува кашлица, стегање во градите. Воедно, во рамки на скринингот биле детектирани и пациенти со висок крвен притисок кои биле советувани да се обратат кај својот матичен лекар за натамошни испитувања.
Според Протоколот, скрининг треба да се направи уште два пати, по три и по шест месеци, за да се види ефектот од загадувањето по пожарот, изјави Алиу во гостувањето на телевизија Сител во средата.
Пожарот во објектот на фирмата „Ф-групација“ се случи на 13 септември. Гореше електричен и електронски отпад, поради што ресорното Министерство за животна средина и просторно планирање неколку дена вршеше мерења на квалитетот на воздухот во Трубарево.

Црниот чад што се дигна од пожарот неколку часа можеше да се види речиси од цело Скопје.
Примероците земени од воздухот во Трубарево на 13 и на 14 септември покажаа дека честичките ПМ 10 биле покачени речиси за двојно, односно биле измерени 92,65 микрограми на кубен метар, а дозволената граница е 50.
Концентрацијата на олово била 0,75 микрограми на кубен метар, а дозволената граница е 0,5. Арсен имало 8,9 нанограми на кубен метар, а дозволено е 6.
Најголемо зголемување имало кај кадмиумот, чии концентрации биле над десет пати повеќе од дозволеното. Измерени биле 59,1 нанограми на кубен метар, а дозволената граница е 5.
Според извештајот на Министерството за животна средина и просторно планирање објавен во понеделникот концентрациите на ПМ 10 честички во Трубарево се во рамките на дозволените граници и не ја надминуваат 24-часовната гранична вредност пропишана за заштита на човековото здравје.