Израелските одбранбени сили (ИДФ) издадоа соопштение во кое наведуваат дека пукале откако идентификувале осомничени што се движеле кон нив отстапувајќи од одредените маршрути

Директорот на болница во јужниот дел на Газа изјави дека 24 лица се убиени, а десетици се повредени од израелски оган во близина на центар за дистрибуција на помош во Рафах.
Сите жртви биле пренесени во болницата „Насер“ во Кан Јунис, а повеќето од нив имале повреди од огнено оружје.
Агенцијата за цивилна одбрана на Газа соопшти дека поголемиот дел од загинатите или повредените биле погодени од оган од тенкови, хеликоптери и квадкоптер-дронови.
Од друга страна, Израелските одбранбени сили (ИДФ) издадоа соопштение во кое наведуваат дека пукале откако идентификувале осомничени што се движеле кон нив отстапувајќи од одредените маршрути.
„Војниците испукаа предупредувачки оган, а откако осомничените не успеаја да се повлечат, дополнителни истрели беа насочени кон поединечни осомничени кои напредуваа кон војниците“,
велат од ИДФ во соопштението.
Тие додаваат дека се свесни за извештаите за жртви и ги испитуваат деталите од инцидентот.
„ИДФ ѝ дозволува на Американската цивилна организација (GHF) да дејствува независно со цел да се овозможи дистрибуција на помош на жителите на Газа – а не на Хамас. Војниците на ИДФ не го спречуваат пристигнувањето на цивилите од Газа до местата за дистрибуција на хуманитарна помош. Предупредувачките истрели беа испукани приближно половина километар од местото за дистрибуција на хуманитарна помош кон неколку осомничени кои напредуваа кон војниците на таков начин што претставуваше закана за нив“,
додаваат од ИДФ.
Earlier today, during the movement of the crowd along the designated routes toward the aid distribution site—approximately half a kilometer from the site—IDF troops identified several suspects moving toward them, deviating from the designated routes. The troops carried out…
— Israel Defense Forces (@IDF) June 3, 2025
Ова се случува откако Израел негираше дека пукал во Палестинци во сличен инцидент во неделата, за кој Министерството за здравство управувано од Хамас соопшти дека убил 31 лице, а повредил речиси 200.
По ова генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, побара истрага за извештаите, врз основа на тврдењата на Хамас, дека во израелските напади се убиени цивили кои бараат помош.
„Неприфатливо е Палестинците да ги ризикуваат своите животи за храна“,
напиша Гутереш на Икс додавајќи дека Израел е обврзан според меѓународното хуманитарно право да го олесни доставувањето на помош.
Повикот на Гутереш предизвика остра осуда од израелската влада, а портпаролот на израелското Министерство за надворешни работи, Орен Марморштајн, ја нарече изјавата „срам“ и го критикуваше шефот на ОН за тоа што не ја споменал палестинската исламистичка група Хамас или нејзиното отфрлање на предлозите за прекин на огнот и ослободување на заложниците.