Белата куќа ги отфрли обвинувањата дека намалувањата на буџетот за Националната метеоролошка служба (НВС) влијаеле врз ефикасноста на одговорот при катастрофа

Бројот на загинати од разорните поплави во американската сојузна држава Тексас на 4 јули достигна 104 лица, додека спасувачките тимови продолжуваат со потрага по исчезнатите во надојдените реки и расчистување на паднатите дрвја.
Властите најавија дека ќе почекаат со одговорите на прашањата поврзани со метеоролошките предупредувања и зошто некои летни кампови не биле евакуирани навреме, иако било предвидено големо количество дожд.
Во христијанскиот камп за девојчиња „Мистик“ смртно настрадаа девојчиња и нивни воспитувачи. Според властите од округот Кер, каде што се наоѓа кампот, досега се пронајдени телата на 84 лица, меѓу кои 28 деца.
Десет девојчиња и еден воспитувач сè уште се водат како исчезнати.
Официјалните лица предупредуваат дека поради претстојните врнежи сè уште постои ризик од нови поплави, особено во централниот дел на Тексас. Тие изјавија дека бројот на жртви речиси сигурно ќе расте.

Во меѓувреме, Белата куќа ги отфрли обвинувањата дека намалувањата на буџетот за Националната метеоролошка служба (НВС) влијаеле врз ефикасноста на одговорот при катастрофа. Некои критичари на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја поврзаа трагедијата со илјадници отпуштања во матичната агенција на НВС, Националната океанска и атмосферска администрација (НОАА).
Канцеларијата на НВС задолжена за областа имала пет вработени на должност во четврток вечерта – типичен број за време на предупредувањето за лоши временски услови.
„Тоа беше Божја волја. Не беше вина на администрацијата што поплавите се случија кога се случија. Предупредувањата беа навремени и Националната метеоролошка служба си ја заврши работата“,
изјави вчера портпаролката на Белата куќа, Каролина Ливит.
Таа истакна дека канцелариите на НВС во Остин и Сан Антонио одржале брифинзи за локалните власти еден ден пред поплавите, издале предупредување за поплава тоа попладне и издале серија предупредувања во текот на ноќта и рано утрината на 4 јули.
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој треба да го посети Тексас подоцна оваа недела, во неделата одговори на прашањата за потенцијалното влијание на буџетските намалувања велејќи дека попрво би го обвинил системот на Бајден, реферирајќи на својот демократски претходник.
Но, потоа брзо додаде:
„Ни јас не би го обвинил Бајден за ова. Ова е катастрофа што се случува еднаш во еден век“.
Републиканскиот сенатор Тед Круз од Тексас повика на единство и рече дека сега не е време за политички препирки. Тој емотивно зборуваше на прес-конференција за децата загинати во кампот Мистик.
Локалната активистка Никол Вилсон започна петиција за инсталирање систем за сирени за рано предупредување во округот Кер. Слични системи постојат и во други окрузи, но таму не се финансирани веќе една деценија.
Заменик-гувернерот на Тексас, Ден Патрик, призна дека сирените веројатно ќе спасат животи и рече дека системот треба да биде инсталиран до следното лето.