Бројот на жртви од новиот коронавирус се искачи на 1.383, а регистрирани се 5.090 нови случаи, што е рекорден број.
Со ковид-19 се заразени вкупно 64 435 лица во повеќе од 25 земји низ светот, а меѓу болните во Кина има сè повеќе здравствени работници кои се грижеле за болните.

Локалните медиуми јавија дека во една болница во Вухан се разболеле 130 од 500 здравствени работници.
На национално ниво, според Кинеската национална здравствена комисија, со вирусот се заразени над 1 700 медицински работници, од кои шестмина веќе починале.

Засега најмногу заболени од вирусот има во Кина.
Три смртни случаи се пријавени надвор од Кина, а последната жртва е 80-годишна жена во Јапонија.
Кина ги повика сите држави да се приклучат кон напортите во борбата против новиот коронавирус.
„Коронавирусот преминува граници, затоа се неопходни обединети напори на меѓународната заедница. Во оваа борба за јавно здравје најважно е меѓусебното разбирање, довербата и поддршката без оглед на границите“, изјави кинескиот министер за надворешни работи Ванг по средбата со шефот на германската дипломатија Хаико Мас во Минхен.