Освен за јужнокорејскиот претседател, тамошното Обвинителство отвори истрага и против министерот за внатрешни работи и ексминистерот за одбрана поради нивните улоги во прогласувањето и, подоцна, укинувањето на воената состојба
Обвинителството на Јужна Кореја поведе истрага против претседателот Јун Сук Јеол, министерот за внатрешни работи и сега веќе поранешниот министер за одбрана, за нивните улоги во обидот да воведат воена состојба.
Истрагата против претседателот е покрената врз основа на жалба за предавство поднесена од помалата опозициска партија Обнова, а друга е поднесена од група активисти против поранешниот министер за одбрана, началникот на Генералштабот на армијата на Јужна Кореја и министерот за внатрешни работи, за нивната улога во прогласувањето и, подоцна, укинувањето на воената состојба.
Јужнокорејскиот претседател се соочува со гласање за импичмент во сабота.
За барањето за негово отповикување од функцијата да помине во парламентот потребна е поддршка од две третини од пратениците. Во тој случај, барањето доаѓа до Уставниот суд, кој ќе ја донесе конечната одлука, а за потврда на импичментот е потребно и двотретинско мнозинство, односно да го поддржат шест од девет судии.
Партијата на претседателот има 108 од 300 претставници во парламентот. Доколку Јун Сук Јеол биде сменет или самиот си поднесе оставка, тој ќе биде заменет од премиерот Хан Дак-су до одржувањето нови избори.
Јун Сук Јеол стана претседател на земјата по изборите пред две години. Сепак, многу брзо ја изгуби популарноста, а неговата работа ја поддржуваат само околу 20 отсто од гласачите.