Според договорот, индискиот институт за Ковакс треба да обезбеди вакцини на „АстраЗенека“, кои се произведуваат во Индија, за 64 сиромашни земји, а за возврат да добијат средства за проширување на производствените капацитети на индискиот институт
Испораката на вакцини против ковид-19 до најсиромашните земји во рамки на системот Ковакс ќе доцни затоа што Индија не дава дозвола за извоз на препарати од таа земја, каде што е зголемена домашната побарувачка на вакцини, соопшти Меѓународната алијанса за вакцини „Гави“.
Со ова ги потврди вчерашните информации на индиското Министерство за здравство.
Портпаролот на „Гави“ за Франс прес изјави дека испораките ќе се одложат бидејќи не се добиени лиценци за извоз за дополнителни дози на вакцини произведени од индискиот Институт „Серум“ (СИИ) и кои требаше да бидат испратени во март и април.
„Гави“, заедно со Светската здравствена организација и Коалицијата за иновации во подготовките за епидемии (Цепи), ја води програмата Ковакс.
Портпаролот додаде дека доцнењето во издавањето на лиценците за извоз се должи на зголемената побарувачка за вакцини во Индија, каде што се доцни со програмата за вакцинација и расте бројот на заразени.
Ковакс е во преговори со индиската влада за да се обезбеди испорака што е можно побрзо, велат од „Гави“.
Меѓународниот систем Ковакс годинава планира да достави вакцини на 20 проценти од населението во речиси 200 земји и територии и вклучува механизам за финансирање за помош на 92 сиромашни земји.
Според договорот, индискиот институт за Ковакс треба да обезбеди вакцини на „Астра Зенека“, кои се произведуваат во Индија, за 64 сиромашни земји, а за возврат да добие средства за проширување на производствените капацитети на индискиот институт.
