Наместо принудни мерки, Народниот правобранител нагласува дека се потребни дијалог, системски пристап и соработка со локалната самоуправа, граѓанските организации и самите жители за да се најдат трајни решенија

Потребно е да се најдат одржливи решенија со кои ќе се обезбедат и заштита на животната средина и достоинствено домување, се вели во реакцијата на Народниот правобранител по изјавата на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов, за иселување на ромските семејства од Вардариште по пожарите на таа локација.
Народниот правобранител смета дека ваквите изјави ја поттикнуваат стигматизацијата и дискриминацијата врз ромската заедница и се спротивни на Уставот на Република Северна Македонија, Стратегијата за инклузија на Ромите 2023–2030 и меѓународните документи за човекови права. Се истакнува дека изјави кои повикуваат на присилно раселување, особено врз етничка основа, не само што се опасни и дискриминаторски, туку ја поткопуваат и довербата во институциите.
Наместо принудни мерки, Народниот правобранител нагласува дека е потребен дијалог, системски пристап и соработка со локалната самоуправа, граѓанските организации и самите жители за да се најдат трајни решенија.
Канцеларијата на Народниот правобранител укажува дека Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030 го дефинира домувањето како една од клучните приоритетни области. Целта е подобрување на условите за живеење, легализација на живеалиштата, интегрирано урбанистичко планирање и обезбедување пристап до основна инфраструктура. Стратегијата, се додава во соопштението, јасно нагласува дека решавањето на станбеното прашање мора да биде во согласност со човековите права и достоинството на секој поединец, без присила и без раселување „по кратка постапка“.
Народниот правобранител потсетува на обврските кои произлегуваат од европската конвенција за човекови права која гарантира право на почитување на домот и семејниот живот, меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права кој го препознава правото на соодветно домување и забранува произволни или присилни иселувања.
Народниот правобранител укажува и на рамковната конвенција за заштита на националните малцинства која бара еднаков третман и воздржување од мерки кои водат до асимилација или сегрегација.
Препораките на Европската комисија и Советот на Европа, се вели во соопштението, повикуваат на одржливи решенија за домување во духот на инклузија и еднаквост.
„Ги повикуваме институциите и јавните личности да се воздржат од изјави кои поттикнуваат дискриминација и да работат во согласност со националните стратегии, меѓународните стандарди и принципите на човековите права“,
се вели во соопштението.
Реакцијата на Народниот правобранител доаѓа откако директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, во гостување во поткаст рече дека Ромите од Вардариште со сила треба да се иселат.
Ангелов не се согласува „преживувањето“ на неколку десетици ромски семејства да биде ставено пред животот и здравјето на стотици илјади граѓани на Скопје.
Прашан дали тоа не може да се направи на хуман начин, Ангелов рече дека тој е за агресивна реакција.
По неговата изјава со реакција се јави и кандидатката за градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, која ја оцени како врв на нечовечност и силеџиска.
Шукова смета дека оваа изјава го открива вистинското лице на актуелната власт и е злоупотреба на луѓе од најниските слоеви за да се оправда неспособноста да се справат со пожарите.