Лидерот на СДСМ вели и оти е потребно да се седне и разговара без калкулации и предрасуди за да се види кои се црвените линии на државата
Јас сум подготвен да седнам и да разговарам за да видиме како ќе одиме напред, а зошто тие не прифаќаат средба кога толку повикуваат на национално единство – вели лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче во гостување на „Само интервју“ на Канал 5 ТВ.

Говорејќи за евентуална лидерска средба, Филипче рече дека е подготвен да разговара во таков формат, каде би се воспоставиле црвените линии на земјава и би се постигнал натпартиски консензус помеѓу сите политички чинители за најважните државни прашања.
„Натпартиски консензус е единствено можно решение за клучните прашања, но за тоа да се направи треба да се седне и да се разговара, да нема калкулации и предрасуди, да видиме кои се нашите црвнени линии. Подготвен сум во кој било момент да седнеме да разговараме и да видиме како ќе продолжиме напред“,
вели Филипче.
Дополнително, вели, очигледно е дека нивните позиции се различни од оние на владејачкото мнозинство и оти жали дека е така, но потребно е да се почне со решавање на проблемот и прашува зошто ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа средба, а константно повикуваат на национално единство.
Филипче е скептичен дека проблемот со Бугарија би се решил набрзо или пак на лесен начин, но вели прашањето е дали земјата ќе стагнира додека го решава проблемот, односно дали во тој период нема да има реформи, оти неговиот личен впечаток е дека Владата само бара причина да не оди напред по европскиот пат, но и оти нема јасна желба и волја да спроведе реформи во правосудниот систем.
„Прашањето е дали во тој период нема да имаме реформи, нема да ги напрваиме уставните промени за кои сите викаме дека нема проблем да се внесат Бугарите во Уставот, вклучувајќи ја и ВМРО-ДПМНЕ, па потоа да се отворат поглавата, да почне вистинската реформа на правниот систем, да се донесат реформските закони во енергетиката, европските коридори,…, да ги добиеме европските фондови или ќе чекаме и ќе викаме „аха, Бугарите не не признаваат, имаме ризик по јазикот, по идентитетот“ и ништо нема да направиме“,
кажа Филипче.
Лидерот на опозициската СДСМ вели дека популистичкото владеење на оваа Влада придонесува за поделба на граѓаните помеѓу „патриоти“ и „предавници“ и оти оваа Влада владее исто како поранешниот премиер Никола Груевски, оти Мицкоски повикува на национално единство, но и самиот не кажува на што се однесува тоа.
Како можно решение, Филипче предлага референдум на кој граѓаните би одлучиле дали сме подготвени да продолжиме по европскиот пат, оти сегашната влада ветуваше подобрување на преговарачката рамка, но тие ветувања не се преточија во реалност.