Одговарајќи дали смета дека се прениски казните за вакви дела со настрадани во сообраќајни несреќи, рече дека во прашање е казнена политика на судовите, како и дека е потребна официјална анализа која треба да ја покаже состојбата, односно дали секогаш се оди кон изрекување на поблаги казни
Судскиот совет ќе ги разгледа сите случаи каде има сомневања за пропусти од страна на судии за изречени пресуди, а казнената политика на судовите треба да биде предмет на сеопфатна анализа. Ова денеска го рече претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со трагичната сообраќајна несреќа во која загина 22-годишната Фросина Кулакова од Неготино, како и за тоа дали ќе се воспостави ред во судството, зашто се изрекуваат казни за сторителите што често одат и под определениот минимум.
„Се работи за случај што ја потресе цела држава. Изразуваме сочувство до семејството. Не би сакал сега во вакви моменти на чувства што ги има кај сите граѓани да се носат избрзани одлуки или некои заклучоци да се изведуваат. Не се добри добри некои такви брзи промени да се прават во законот“,
рече тој.
Прашан за претходните различни дела за кои правно бил гонет Васил Јованов, односно дали судијката Даниела Алексовска-Стојановскаму му изрекла преблага казна, посочи дека не знае кои биле доказите во конкретниот предмет.
„Не би се осудил да коментирам за одлуката сè додека не го видам целиот предмет“,
вели Камбовски.
На дополнително прашање дали повторно ќе се разгледува овој случај, одговори позитивно, но додаде и дека секаде каде што има пропуст ќе се санкционира.
„Сите се залагаме за владеење на правото. Не познавам никој што се согласува со вакви состојби да ни се случуваат“,
кажа претседателот Судскиот совет.
Одговарајќи дали смета дека се прениски казните за вакви дела со настрадани во сообраќајни несреќи, рече дека во прашање е казнена политика на судовите, како и дека е потребна официјална анализа која треба да ја покаже состојбата, односно дали секогаш се оди кон изрекување на поблаги казни.
„Тоа е казнена политика на судовите, која секако трпи промени. Казната што ја предвидел законодавецот е најмалку четири години, што значи дека може да се оди до максимумот, кој го предвидел законот, а тоа е 20 години. Тоа не е блага казна. За кои казни судовите се определуваат, ни недостасува анализа да видиме дали вистина секогаш се оди кон поблаги казни. Но, ни тоа не е решение, ако мислиме дека само со драконски казни тоа ќе го решиме“,
вели Камбовски.
Според него, не се само проблем поблагите казни, ниту постапувањето на судовите, туку дека се работи за подлабок, поголем проблем на целото општество.
„Треба сите ние да размислиме што можеме да направиме ова да не се повторува во иднина“,
рече тој,.
На прашањето дали Судскиот совет ќе ја повика на разговор конкретната судијка, рече дека не сака да прејудицира за постапките на Советот за предметот.