За да има владеење на правото и граѓаните да имаат доверба во институциите, неопходно е да имаме ветинг, порача Ахмети
За политичките партии да не прераснат во јавни обвинители или во судии, потребен е ветинг, порача претседателот на Демократска унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети. Тој на средба со симпатизери и поддржувачи во Битола посочи дека треба да се провери потеклото на имотот на сите функционери и политичари во земјава.
„За да има владеење на правото и граѓаните да имаат доверба во институциите, неопходно е да имаме ветинг. За политичките партии да не прераснуваат во јавни обвинители или во судии, потребен е ветинг во политичките партии, за челниците на политичките партии и на сите функционери“,
порача Ахмети.

Лидерот на ДУИ посочи и дека на средбите со граѓаните разговарале и за членството на Северна Македонија во ЕУ како единствена алтернатива.
„Убаво е што на овие средби имаме голем одзив и задоволни сме од учеството на граѓаните за да им објасниме за зајакнување на меѓуетничките односи во нашата земја како едно од важните прашања за мирот, стабилноста и функционална демократија. Разговараме со народот затоа што нашата земја има потреба од владеење на правото“,
рече Ахмети.
Во однос на парламентарните избори што треба да се одржат во Косово в недела, Ахмети преферира победа на опозицијата.
„Од особено значење е во Република Косово да победат опозициските сили. Тоа би влијаело добро за мирот и стабилноста. Очекувам граѓаните од Република Косово да се определат за важни процеси,“
кажа лидерот на ДУИ.