„Мене лично ако ме прашувате, најмногу ме боли кога членови кои добиле сè од партијата, и доколку не им била партијата во даден момент од животот, немале да успеат во своите амбиции, некогаш се вртат против партијата“, вели потпретседателот на СДСМ, Александар Трајановски, во „360 степени“ на МРТ 1

Потпретседателот на СДСМ, Александар Трајановски, вели дека тој лично не се согласува со барањата на поранешниот партиски потпретседател и градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, оти според него, тие не се аргументирани. Во гостување во „360 степени“ на МРТ 1, Трајановски рече дека не може да се смета за аргументирано барањето на Шилегов за смена на Филипче со единствена цел – тој да дојде на негово место.
Трајановски: Со Петре Шилегов случајно се видовме на една прослава во општинската организација, затоа што неговата адвокатска канцеларија е над нашата општинска организација во Аеродром.
360° : Беше поканет да дојде?
Трајановски: Видете, поканата беше до сите членови што живеат во Општина Аеродром. Петре Шилегов не е, не живее во Општина Аеродром, затоа можеби не ни добил покана. Дојде човекот, влезе, поразговара со нас, тука немаше ништо спорно. А неговите барања, јас лично не би ги прифатил, затоа што не се аргументирани.

Во однос на иницијативата на поранешни високи претставници на СДСМ за воспоставување на платформа која би била алтернатива на актуелното раководство во партијата, Трајановски вели дека како партија треба да се фокусираат на борбата против ВМРО-ДПМНЕ. Според него, се погласни се шпекулациите за внатрепартиска борба помеѓу членовите на СДСМ, иако во реалноста, како што вели, нема ништо од тоа.
„Мислам дека конгресот беше буквално мерило дали има некоја насока за такво нешто или не. Јас лично мислам дека од тоа нема да испадне ништо. А и доколку се отвори некоја таква тема, ќе излеземе сите пак на избори и ќе видиме до каде сме. Јас мислам лично дека такво нешто нема да излезе, а и доколку излезе, тоа ќе бидат членови на Социјалдемократскиот сојуз што во еден дел од своите животи добиле многу од Социјалдемократскиот сојуз. Така што, тоа говори за таа намера дали е искрена“,
вели тој.
На новинарско прашање дали се потврдија наводите дека внатрешни структури работеле конгресот да не успее, Трајановски вели оти имало обид за тивок бојкот од одредени општински организации, но со оглед на фактот дека 70 отсто од делегатите биле присутни на конгресот, тој бил легитимен, по што во конструктивна атмосфера се испратила порака на сплотеност.
„Мене лично ако ме прашувате, најмногу ме боли кога членови кои добиле сè од партијата, и доколку не им била партијата во даден момент од животот, немале да успеат во своите амбиции, некогаш се вртат против партијата. Во смисла, тоа не се сугестии како партијата да се движи подобро, туку едноставно бараат промена на претседателот Венко Филипче или на целото раководство“,
рече Трајановски.

Според него, не може да се каже дека лидерството на актуелниот претседател не е легитимно, кога оние што барале промени не се појавиле на конгресот, а на внатрепартиските избори, речиси 23 000 члена на партијата го дале гласот за актуелниот претседател. Во однос на тоа дали како раководство има влијание кај пратеничката група, Трајановски рече:
„Знаете дека во раководството е и пратеникот Јованка Тренчевска, тука имаме целосна координација со пратениците. Координатор на пратеничката група е господинот Оливер Спасовски. Ги следи сите седници на Извршниот одбор, така што дава свој придонес“.
Прашан дали координаторот на пратеничката група Оливер Спасовски го чувствува како внатрешна опозиција во партијата, Трајановски одговори – не. Тој не може да се согласи дека Спасовски има гледишта кои се спротивни на раководството, туку вели дека имаат одлична соработка и исти позиции за многу различни теми.
„Мислам дека досега во сите излегувања негови, јас сум ги следел, немало негативни зборови за раководството. Да, во ред, има негови сугестии, сепак ние сме тука како партија да ги разгледаме, да се договориме, да седнеме на маса, да ги извадиме и да се договориме, како и ако нешто стварно помогне, да се прифати“,
изјави Трајановски.
