Во најавата за утрешната седница, и натаму како потписници на иницијативата стојат 61 пратеник. Меѓу последните е Реџепи од Алијанса, по кого следат Крмов, па Апасиев од Левица, а на самиот крај на списокот се тројцата пратеници на Беса
Од двајца пратеници на Левица, само претседателот на партијата Димитар Апасиев се „отпишал“ од иницијативата за гласање недоверба на Владата, по што Алтернатива соопшти дека ќе гласа да падне владиниот кабинет.
На списокот со 17 опозициски пратеници што денеска го известиле претседателот на парламентот Талат Џафери дека ги повлекуваат потписите, го нема вториот пратеник на Левица, Борис Крмов, кој, според непотврдени информации, денеска не успеал да стигне во Скопје, односно во Собранието, за да го повлече и својот потпис.
Откако пратениците го известиле Џафери дека ги повлекуваат потписите, Алтернатива одржа прес-конференција на која беше соопштено дека четворицата пратеници од оваа партија утре ќе гласаат за недоверба на Владата. На прес-конференцијата присуствуваше и пратеникот Скендер Реџепи, кој претходно тврдеше дека не се согласува неговиот потпис да стои заедно со потписите на пратениците од Левица.
За да го одоброволи Реџепи, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, вчера предложи да поднесат нова иницијатива, без потписите на Левица, односно само со 20 потписи. Но наместо нова иницијатива, која можеше да ја одложи седницата за сабота или да го доведе во прашање нејзиното одржување, со оглед на првичните ставови на Џафери дека за нова интерпелација треба да се чека 90 дена, ВМРО-ДПМНЕ и Алтернатива се усогласија да се оди на повлекување на потписите. Но од списокот за недоверба на Владата од Левица се отпиша само Апасиев, а се повлекоа и уште 16 опозициски пратеници, чии потписи не ги спореше Реџепи.
Според информациите од вечерашната средба на премиерот Зоран Заев со коалициските партнери, спикерот Џафери најверојатно нема да го проблематизира денешното повлекување на потписите на Апасиев и на дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ од предлогот за изгласување недоверба на Владата.
Џафери, кој денеска одбиваше да излезе со став по однос на најновите случувања во парламентот,според информациите, сепак ја смета за валидна првичната иницијатива, на која имаше 61 потпис и врз основа на која ја закажа седницата што ќе почне утре претпладне. Со оглед на тоа што за поднесување ваква иницијатива се потребни потписи од најмалку 20 пратеници, толкувањата се дека со повлекувањето на дел од потписите не се менува ништо суштински во однос на одржувањето на седницата за интерпелацијата против Владата.
Поточно, повлекувањето на потписите се смета само за маневар на ВМРО-ДПМНЕ за да ја одоброволи Алтернатива да учествува во иницијативата за уривање на Владата. Инаку, на дневниот ред за утрешната седница, и натаму како потписници на иницијативата за недоверба стојат 61 пратеник. Меѓу последните е Реџепи од Алијанса, по кого следат Крмов, па Апасиев од Левица, а на самиот крај на списокот се тројцата пратеници на Беса, кои во петокот решија да се „одметнат“ од собраниското мнозинство, и покрај тоа што партиципираат и во владиниот кабинет, каде ѓшто имаат министер за земјоделство.