Во 2019 година има информации дека е можна вклученост на наши дипломати во одредена постапка, за што веднаш е известено МНР, меѓутоа во тој момент немало меѓународна потерница. Потерницата е распишана од страна на Ерменија, на 25 февруари 2020 година, изјави министерот за внатрешни работи
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави денеска дека не бил на чело на МВР кога била распишана меѓународната потерница за дипломатот од македонското МНР, на 25 февруари 2020 година. Спасовски потсети дека во тоа време беше претседател на техничката влада, која беше избрана да ги спроведе ланските парламентарни избори.
Спасовски посочи и дека во 2019 година стигнале првите информации за можна вклученост на македонски дипломати во одредена постапка, за што, како што рече, веднаш било известено Министерството за надворешни работи.
„Во 2019 година има информации што ги добива Министерството за внатрешни работи, во смисла дека е можно да имаме вклученост на наши дипломати во одредена постапка. За тоа веднаш е известено Министерството за надворешни работи, меѓутоа во тој момент немало меѓународна потерница за ниту еден дипломат. Потерницата е распишана од страна на Ерменија на 25 февруари 2020 година. Во тој момент јас сум претседател на Владата, а министер за внатрешни работи беше Наќе Чулев. Што е направено во тој момент, дали е известено МНР, јас немам детални информации за тоа. И, нормално, сега кога се случи овој настан, ние сме информирани преку нашиот сектор за меѓународна соработка за тоа што се случило и информациите сме ги пренеле до МНР, така што таму постои еден сплет на настани за кои сигурно и МНР ќе ги даде сите информации што се потребни“,
изјави Спасовски.
Тој вели дека пред да се случи ова не знаел дека е распишана меѓународна потерница и нагласи дека потерниците за еден-два дена се прикачуваат на системот во секторот за меѓународна соработка. Одговарајќи на новинарски прашања, Спасовски рече дека конкретната истрага се води во Ерменија, односно истрагите се водат во државите каде што е сторено кривичното дело.