Двете држави активно работат на преговори за трговски договор до 1 август. По тој датум, Трамп се закани дека ќе воведе царини од 35 проценти за сите канадски стоки што не се опфатени со трговскиот договор меѓу САД, Мексико и Канада

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе биде тешко да се постигне трговски договор со Канада затоа што премиерот на Канада, Марк Карни, најави дека неговата земја планира да ја признае палестинската држава.
Карни ја даде изјавата откако слични планови беа објавени од Франција и Велика Британија.
Израел и САД ја критикуваа изјавата на Карни.
Двете држави активно работат на преговори за трговски договор до 1 август. После тој датум, Трамп се закани дека ќе воведе царини од 35 проценти за сите канадски стоки што не се опфатени со трговскиот договор меѓу САД, Мексико и Канада.
Карни вчера изјави дека преговорите за царините со администрацијата на Трамп биле конструктивни, но дека не сите прашања може да бидат решени пред крајниот рок.
Во однос на Палестина, тој напомена дека признавањето делумно се должи на повторените уверувања од Палестинската самоуправа, дека ќе ја реформира својата влада и дека е подготвена да одржи општи избори во 2026 година, на кои палестинската вооружена група Хамас нема да може да учествува.
Најавите за признавање на палестинска држава од страна на некои од најблиските сојузници на Израел го одразуваат растечкиот меѓународен гнев поради ограничувањата што ги наметна Израел за храна и друга помош за Газа, како и тешката хуманитарна криза таму.