На прашања на адвокатот Рауфи дали се гордее со палењето на бугарскиот клуб во Битола и дали има омраза кон клубот, Алабаковски рече дека не сака да одговори и дека е повикан да сведочи за сосема друго
Со сослушување на поп-пејачот Ламбе Алабаковски како сведок на битолското обвинителството во Основниот суд во Битола денеска продолжи судењето на Љупчо Ѓеоргиевски, претседателот на згаснатиот Културен центар „Иван Михајлов“, кој се товари за поттикнување омраза врз национална основа, како и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем.

Алабаковски, како сведок на обвинителството, посочи дека постојано добива пораки со смртни закани за него и неговото семејство откако пред повеќе од една година, во јули 2022 г., го подметна пожарот во бугарскиот културен клуб „Иван Михајлов“ во Битола.
Тогаш тој го призна делото и доби условна казна од шест месеци доколку во период од една година не стори ново кривично дело.
„Најчесто ги добивам во директна порака со смртна закана кон мене и кон моето семејство“,
рече Алабаковски.
На прашања на адвокатот Рауфи дали се гордее со палењето на бугарскиот клуб во Битола и дали има омраза кон клубот, Алабаковски рече дека не сака да одговори и дека е повикан да сведочи за сосема друго.
„Сметам дека во срцето на Македонија, поточно во Битола, де факто и де јуре, не смее да има таков клуб со име на докажан фашист како што е Ванчо Михајлов“,
рече Алабаковски.
Одбраната на обвинетиот му побара доказ дека Михајлов бил фашист.
Бранителот на Ѓоргиевски, адвокатот Насер Рауфи го праша Алабаковски дали се согласува дека против Ванчо Михајлов нема пресуда дека е фашист, на што обвинителката Оливера Нечаковска приговори со контрапрашање: „Дали и за Хитлер има пресуда дека е фашист?“
Адвокатот Рауфи го нарече Алабаковски и недоличен сведок зашто бил осуден за палење на клубот, на што реагираше Обвинителството да не се упатуваат навреди.
„Според мене, сведокот е недоличен, предлагаат сведок буквално пироман, човек кој го опожари клубот, кој освен што го призна тоа дело, не ми беше јасно по кои околности е повикан“,
рече Рауфи.
Судењето продолжува на 18 декември, кога ќе бидат сослушани Ѓорги Црномаров и Благоја Шаторов, како сведоци на одбраната.