Ставот на Советот сега ќе треба да го разгледа Европскиот парламент, во второ читање. Парламентот последователно ќе има можност да го одобри, измени или отфрли овој став на Советот. Доколку европратениците ги поддржат измените, тогаш формално ќе треба да ги одобри и Советот на ЕУ, по што тие ќе стапат во сила
Министрите за транспорт на земјите членки на ЕУ постигнаа договор за ревизија на прописите за правата на патниците во воздушниот сообраќај и за одговорноста на авиокомпаниите.
Новата рамка, како што соопшти Советот на ЕУ, има за цел да воспостави поедноставни и појасни правила за патниците во воздушниот сообраќај, истовремено постигнувајќи подобра рамнотежа помеѓу високото ниво на заштита на патниците и зачувувањето на поврзаноста и еднаквите услови за воздухопловниот сектор во рамките на внатрешниот пазар на ЕУ.

Полскиот министер за инфраструктура Дариуш Климчак, чија земја е актуелен претседавач со Советот на ЕУ, изјави дека ревидираните правила ќе донесат над 30 нови права за патниците во авиосообраќајот.
„Ставот конечно усвоен денес е одговор на итниот повик од страна на патниците и авиокомпаниите за ажурирани, појасни и поедноставни правила. Ревидираните правила ќе донесат над 30 нови права за патниците, кои ќе важат од моментот кога ќе купат билет, па сè до пристигнувањето на нивната дестинација, а во некои случаи дури и подоцна. Ова е историска пресвртница бидејќи не можеше да се постигне договор во последните 12 години“,
вели Климчак.
Со измените, меѓу другото, се воведува „право на пренасочување“, врз основа на кое авикомпаниите се должни во случај на откажување на нивните летови во рок од три часа да им обезбедат на патниците патување со други превозници или со алтернативни начини на превоз.
Доколку авиокомпанијата не обезбеди соодветно пренасочување во рок од три часа од прекинот, патниците можат сами да организираат пренасочување и да бараат надомест до 400 отсто од оригиналната цена на билетот.
Авиокомпаниите со измените ќе бидат обврзани да им пружат помош во форма на освежување, храна или сместување на патниците во случај на доцнење на летовите повеќе од три часа.
Во случаи на доцнење или откажување на летовите, патниците ќе имаат право да бараат надомест од авикомпаниите, чиј износ варива во зависност од должината дестинацијата на која се лета и времетраењето на доцнењето.
Доколку летот е на дестинација до 3 500 километри во рамките на ЕУ и доцнењето е најмалку четири часа надоместот изнесува 300 евра, додека за дестинации над 3 500 километри и доцнење од над шест часа тој е 500 евра.
Патниците ќе имаат право да бараат надомест и доколку за откажувањето на летот бидат известени помалку од 14 дена пред поаѓањето.
Дополнително се воведува и правото на „непојавување“, со што патниците имаат право да бараат надомест доколку авиокомпанијата на им дозволи качување на повратен лет, затоа што не го користеле дојдовниот лет.
Авикомпаниите ќе бидат должни да ги исплатат овие надоместоци во рок од 14 дена од поднесувањето на барањето за надомест.
Со измените, авиокомпаниите повеќе не ќе смеат да одбијат исплата на надомест повикувајќи се на „вонредни околности“, освен ако не докажат дека „ги презеле сите разумни чекори“ за да спречат доцнење или одлагање на летовите.
Авикомпаниите, исто така, се обврзуваат да ги информираат патниците за нивните права и можностите за жалби и побарувања уште при купувањето на билетите.
Со постигнатиот договор се менува регулативата на ЕУ за правата на патниците во авиопревозот и за одговорност на авиокомпаниите, веќе ги утврдуваат правата на патниците во случаи да не им биде дозволено качување во авион, доколку нивниот лет е одложен или откажан, како и во случај на несреќи или губење, уништување или оштетување на багажот.
Ставот на Советот сега ќе треба да го разгледа Европскиот парламент, во второ читање. Парламентот последователно ќе има можност да го одобри, измени или отфрли овој став на Советот. Доколку европратениците ги поддржат измените, тогаш формално ќе треба да ги одобри и Советот на ЕУ, по што тие ќе стапат во сила.
Инаку, измените на овие две регулативи првично беа предложени во јуни 2013 година.