Проширувањето е процес заснован на заслуги што значи дека секоја земја треба да одлучи колку брзо ќе продолжи напред на патот на интеграцијата во ЕУ. Ако Северна Македонија продолжи со својата актуелна реформска агенда, нејзиното пристапување во ЕУ е на дофат, вели австрискиот министер за надворешни работи
Османи вели дека 2030 како датум за членство, но само како индикативен, а не како обврска, може повторно да го заживее процесот на пристапување и да создаде позитивен реформски натпревар кон постигнување на целта за полноправно членство

Постепената интеграција на земјите кандидати за членство во ЕУ не е алтернатива на нивното полноправно членство, но е најдобар начин да се одржи проширувањето на вистинскиот пат и да се постигнат брзи резултати. Ова е пораката упатена од македонскиот и австрискиот министер за надворешни работи, Бујар Османи и Александар Шаленберг во заедничко интервју за бриселскиот портал „Еурактив“.
На прашањето колку е реално 2030 година да се третира како таргет датум за проширување на Унијата, Османи вели дека тој датум за членство, само како индикативен, а не како обврска, може повторно да го заживее процесот на пристапување и да создаде позитивен реформски натпревар кон постигнување на целта за полноправно членство.
„Тоа е целосно остварливо, а неговото исполнување ќе зависи од тоа што ние како кандидати и ЕУ ќе направиме дотогаш, во однос на нашата подготвеност и институционалното и политичкото прилагодување. Ни треба ново ниво на доверливост и кредибилитет“,
вели Османи.
Според него, претходното големо проширување на ЕУ, кога блокот од 15 се зголеми на 25 членки, имаше силен геополитички импулс што беше кулминација на делумното обединување на Европа која половина век беше поделена со Железната завеса и Студената војна.
„Целосното обединување беше оставено како недовршена работа и сега треба да се финализира со новиот геополитички моментум создаден од бруталната агресија врз Украина. Успехот со земјите од Централна и Источна Европа зависеше и од индикативната временска рамка од 2004 година како цел што беше поставена како влечна сила кон исполнување на критериумите и прилагодувањата што ЕУ требаше да ги направи за да ги пречека новодојденците. Порано тоа функционираше, па зошто да не биде така и овој пат“,
изјави Османи.
Во однос на истото прашање, Шаленберг во одговорот вели дека иднината на Западен Балкан е во Европската Унија.
„За некои прерано, за други предоцна. Мораме побрзо да го исполниме нашето ветување дека иднината на Западен Балкан е во ЕУ. Затоа ја иницирав групата „Пријатели на Западен Балкан“. Од моја гледна точка, тоа значи дека проширувањето може и ќе се случи. Треба да ја завршиме домашната задача и да се подготвиме и ЕУ и земјите кандидати. Проширувањето е процес заснован на заслуги што значи дека секоја земја треба да одлучи колку брзо ќе продолжи напред на патот на интеграцијата во ЕУ. Ако Северна Македонија продолжи со својата актуелна реформска агенда, нејзиното пристапување во ЕУ е на дофат”,
вели Шаленберг.
Во однос на концептот предложен од наша страна за „поголема интеграција пред зачленувањето“, Османи посочува дека тој е комплементарен на досегашните напори за забрзување на пристапниот процес и може да се реализира со присуство на претставници на земјите од регионот на секторски состаноци на Европскиот совет без право на глас, со зајакнат фокус на критериумите за владеењето на правото, демократските стандарди и економските реформи, со прогресивно приклучување кон единствениот пазар на ЕУ уште пред полноправното членство, со пристап за државите од Западниот Балкан до структурните и кохезионите фондови на ЕУ, како и со нивно вклучување како набљудувачи во работата на институциите на Унијата.
За Шаленберг, пак, ЕУ мора да го напушти старото бинарно размислување дека една земја е или полноправна членка или не е дел од клубот и наместо тоа треба да промовира постепен процес на интеграција кој дава побрзи резултати и е поопиплив за граѓаните.
Според него, проширувањето не е еднонасочна улица и двете страни треба да се подготват и да ги забрзаат реформите.
„Но, ако разговараме за реформите во ЕУ и нашата подготвеност, не смееме да дозволиме тоа да стане изговор за одложување на проширувањето“,
истакна шефот на австриската дипломатија.
Според Османи, првиот сериозен тест за сериозноста на ЕУ околу следното проширување ќе бидат дискусиите за буџетот на ЕУ за периодот 2028-34 година, но и околу ревизијата на сегашниот буџет.
Во однос на Планот на ЕК за раст на Западниот Балкан, Османи оценува дека тој претставува чекор во вистинската насока и треба да се прошири понатаму со пристапување кон единствениот пазар и структурните и кохезиски фондови.
И Шаленберг се согласува дека Планот е чекор во вистинската насока, но сега, како што вели, треба да видиме брза имплементација на предложената интеграција на Западен Балкан во некои области на единствениот пазар.
Австрискиот министер очекува од граѓаните на Северна Македонија да продолжуваат да се стремат кон европската иднина и во овој контекст, да успеат да ги изгласаат потребните уставни измени, како следен чекор кон Унијата.
„Дозволете ми да ве уверам дека Австрија ја гледа Северна Македонија како силен иден партнер во ЕУ и ние ќе продолжиме сесрдно да ја поддржуваме земјата на нејзиниот пат кон членство во ЕУ. Не само затоа што сме пријател на Западен Балкан, туку и затоа што тоа е геостратешка неопходност”,
рече Шаленберг.
Министерот Османи нагласи дека Северна Македонија има 100% усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП) на ЕУ, како значајна потврда за нашето геостратешко позиционирање.
„Би било важно проширувањето да се вклучи во следниот буџетски циклус на ЕУ. Основниот пакет може да вклучува барем присуство на секторски министерски состаноци без право на глас и учество на единствениот пазар на ЕУ. Овој модел би можел да зависи од одредени предуслови како што е целосното усогласување на кандидатите со ЗНБП на ЕУ за добивање место на масата во Советот за надворешни работи”,
додаде Османи.
