Барањата за легализација на бесправно изградени објекти можеа да се поднесуваат заклучно со март 2011 година, а рокот до кога предметите треба да бидат решени е 3 март 2026 година. Според подносителите, со измените не се менува ништо суштинско во однос на поднесување на барањата, туку само во рокот за решавање на предметите, кој се бара да биде продолжен за пет години
Владејачкото мнозинство во Собранието поднесе предлог-закон за изменување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти со кој наместо 15, рокот за легализација на објектите со ваков статус да изнесува 20 години.

Предлог-законот е поднесен во скратена постапка, а како предлагачи се потпишани пратениците Бојан Стојаноски, Беким Ќоку, Бобан Карапејовски , Бране Петрушевски, Даниела Христова, Каролина Насковска, Лидија Петкоска, Марија Петрушевска, Моника Трајанова, Олга Лозановска и Павле Арсоски.
Овластен предлагач е пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
Тој денеска на прес-конференција во Собранието ги образложи причините поради кои бараат измени на актуелниот Закон за постапување со бесправно изградените објекти. Наведе дека тоа се прави со цел граѓаните да не останат со нерешени статуси за своите домови поради административни препреки и бавни процедури.
Како што наведе Стојаноски, многу граѓани со години се заглавени во лавиринтите на судски спорови за имотноправни односи, разни постапки или претходни прашања кои не биле по нивна нивна.
„Актуелниот закон предвидуваше рок на важност до 3 март 2026 година, што би значело дека илјадници предмети, кои се во процедура, би биле прекинати по сила на законот во фазата во која се затечени,
изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Со овој предлог, како што посочи тој, се продолжува рокот за дополнителни пет години, односно наместо 15, законот ќе важи вкупно 20 години, до 3 март 2031 година. Со тоа, според Стојаноски, се овозможува правна сигурност за општините како надлежни органи да може легално да ги завршат сите веќе почнати постапки.
Оваа измена, како што објасни тој, не предвидува нови барања за легализација на бесправно изградени објекти, туку е исклучиво во служба на оние граѓани кои веќе поднеле документација и со години чекаат на својот имотен лист.
Стојаноски потенцира и дека оваа иницијатива доаѓа како директен одговор на барањето на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и општините, кои секојдневно се соочуваат со реални проблеми на терен.
„Исто така, важно да се напомене е дека ова законско решение не предизвикува никакви дополнителни финансиски импликации врз буџетот на државата и ќе стапи во сила веднаш по објавувањето во ‘Службен весник’ за да нема правен вакуум“,
рече пратеникот.

Како што може да се види на веб-страницата на Собранието, предлог законот во законодавниот дом е примен и архивиран на 6 февруари и е веќе во постапка, односно во фаза на второ читање. Ова значи дека предлогот треба помине на матичната Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање и во Законодавно-правната комисија, по што треба да оди на пленарна седница.
Во делот за причините за донесување на Законот во предлогот е наведено барање од Управниот одбор на ЗЕЛС од 3 февруари 2026 година упатено до Собранието, Владата и Министерството за транспорт за продолжување на рокот на Законот за постапување со бесправно изградени објекти заклучно со 2031 година.
Иницијативата што била разгледана на седницата на ЗЕЛС, одржана на 30 јануари, дошла од општина Битола, а била поддржана од повеќе општини.
„Во самото барање од Управниот одбор на ЗЕЛС е образложено дека голем дел од постапките не биле завршени поради водење на судски спорови поврзани со правата врз изградените објекти, судски постапки поведени во рамките на постапката која се води пред општината, одложување на донесување на управни акти во постапката поради наследни и други имотно-правни околности кои требало да се решат како претходно прашање во постапка, како и други непредвидени околности, при што продолжувањето на рокот има за цел само довршување на постапките кои се веќе отпочнати, а не и доставување на нови барања и оформување на нови предмети за постапување. Од овие причини како и заради овозможување на конзистентност на правниот систем во државата, се пристапи кон донесување на овој закон“,
се вели во документот за предлог-законот поднесен од пратениците од владејачкото мнозинство во Собранието.
Предлог-законот содржи два члена. Со првиот се менува рокот за примена на одредбите од законот, така што истиот се продолжува за уште пет години, односно наместо март 2026 година истиот да продолжи да важи заклучно со 3 март 2031 година.
Со членот 2 се уредува влегувањето во сила на законот, кое е предложено да биде со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Барањата за легализација на бесправно изградени објекти можеа да се поднесуваат заклучно со март 2011 година, а рокот до кога предметите треба да бидат решени е 3 март 2026 година. Според подносителите, со измените не се менува ништо суштинско во однос на поднесување на барањата, туку само во рокот за решавање на предметите, кој се бара да биде продолжен за пет години.
