Американскиот Сенат синоќа гласаше против повикување сведоци во судската постапка за импичмент на претседателот Доналд Трамп и нема да бара отворање нови документи од Белата куќа, на што инсистираа демократите.
Од сточлениот Горен дом на Конгресот на САД, „за“ гласаа 49 сенатори, од кои 45 демократи, двајца независни и двајца републиканци, додека „против“ повикување сведоци беа 51 републиканец.
Седницата за импичментот на Трамп синоќа се распушти се до понеделник, кога во 11 часот по американско време е закажана финалната сесија на дискусии на обвинителите и одбраната. Во вторник во 11 часот ќе почне сесијата обраќања на сенаторите, додека гласањето за тоа дали Трамп ќе биде ослободен или не е закажано за в среда во 16 часот.
Со оглед на синоќешното гласање, најверојатниот исход од повеќемесечната сага со импичментот и судењето на Трамп ќе биде негово ослободување од одговорност, бидејќи за да се прогласи за виновен и да се разреши од функција потребни се 62 гласа во Сенатот.
Демократите го осудија гласањето за сведоците, судската постапка во нивно отсуство ја окарактеризираа како „фарса“ и рекоа дека ослободувањето од одговорност на Трамп со тоа би било бесмислено.
Републканците, пак, се задоволни, бидејќи крајот на жолчните расправи околу импичментот за нив значи фокусирање кон други важни проблеми на Американците, како достапност до лекови што се добиваат само со рецепти, подобрување на инфраструктурата или здравствена заштита.
Одлуката да не се повикаат сведоци доаѓа ндва дена пред првото гласање на Демократската партија за избор на претседателски кандидат, кое се одржува во Ајова.
Додека за вторник, денот кога сенаторите ќе ги дадат завршните дискусии по повод судската постапка за импичмент на Трамп, закажано е традиционалното годишно обраќање на претседателот за состојбата на нацијата.