„Побарано е да се испитаат околностите, во однос на тоа кој му давал средства за бензин на возилото, од кога е возилото, кога го употребувал, кога е купено. Сето тоа ќе биде предмет на анализа. Евентуално ако може да се стават тие дејства во насока да му се става општо опасно средство со кое е извршено кривичното дело, тоа би подлегнало на некаква одговорност“, рече шефот на ОЈО Скопје
Говорејќи за сообраќајната несреќа со смртен иход во која загина 22-годишната Фросина Кулакова, шефот на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, Гаврил Бубевски, вечерва во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма рече дека постапката што се води против возачот Васил Јованов за ова кривично дело е проширена и со постапка за неговите родители. Додаде дека тоа е со цел да се испита влијанието и дејствијата на родителите во насока на која му е овозможено на обвинетиот да има средство, во случајот возило, што може да се толкува како општо опасно.
„Значи, проширена е постапката и кон родителите и дадени се соодветни наредби и до Министерството за внатрешни работи, односно до Секторот за внатрешни работи Скопје да ги испитаат овие околности во однос на тоа кој му давал средства за бензин на возилото, од кога е возилото, кога го употребувал, кога е купено. Сето тоа ќе биде предмет на анализа. Евентуално ако може да се стават тие дејства во насока да му се става општо опасно средство со кое е извршено кривичното дело, тоа би подлегнало на некаква одговорност“,
рече тој.
Посочи дека не знае кои факти ќе произлезат од испитувањето на тоа како возилото дошло во рацете на обвинитетот и на кој начин.
„Тоа сѐ треба да се испита. Возилото е на име на таткото. Доказниот материјал треба да го прибави МВР, а може и тие да направат анализа. Тие добија наредба од обвинителот што постапува“,
кажа Бубевски.
Додаде дека Обвинителството во моментот ги прибира сите докази за овој случај, како видеоматеријали, а контактирано е и вешто лице, кое има сопствен лиценциран софтвер кој ќе ја утврди брзината на движење на возилото, како се случила сообраќајката и кое ќе даде целосен наод за тоа што се случило.
Шефот на ОЈО Скопје вели дека е утврдено дека се работи за црвено светло за возачот, односно зелено светло за жртвата, а дека тоа ја подигнува кривичната одговорност кај возачот и влегува во умислено постапување, со оглед дека се работи за пешачки премин.
„Тука умислата подразбира дека сторителот со своите дејствија е свесен за своите дејствија или за своите недејствија што бил должен да ги преземе, но се согласил со последицата. Во случајов многу лесно може да се заклучи дека возењето под дејство на алкохол, возењето со брзина која е поголема од дозволената, што е предмет на вештачење, но и со другите факти, умислата веќе е издефинирана. Значи, стигнуваш на пешачки прмеин, каде што е црвено и тука веќе се согласуваш со последицата што може да настане. И тука нема место за друга правна квалификација во однос на тој дел“,
рече Бубевски.
И државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски вчера рече дека против осомничениот возач Васил Јованов се води постапка за сторено најтешко кривично дело од областа на безбедноста на сообраќајот, како и дека е неспорно оти станува збор за сторено кривично дело со умисла.
Во трагичната сообраќајна несреќа минатата среда, по удар од автомобил на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје загина 22-годишната Фросина Кулакова од Неготино.