Иако бројките се охрабрувачки, Бислимоски посочи дека периодот што претстои е полн со предизвици, од кои еден од клучните е балансирањето на системот со електрична енергија произведена од обновливи извори

Во Македонија во изминатите четири години е изграден инсталиран капацитет од 1 200 мегавати електрична енергија од обновливи извори, што во просек значи дека секој ден бил вклучен по речиси еден нов мегават на електроенергетскиот систем. Ова го истакна претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, на Регионалната конференција за зелена трансформација на Западен Балкан, што се одржа во Тирана.
Бислимоски нагласи дека производството на електрична енергија од сонце е „реалност“ и дека „елдорадото на фотоволтаични централи“ ја најавило енергетската транзиција, што отворило процес на трансформација на целиот електроенергетски сектор.
Иако бројките се охрабрувачки, Бислимоски посочи дека периодот што претстои е полн со предизвици, од кои еден од клучните е балансирањето на системот со електрична енергија произведена од обновливи извори.
Тој повика на итно дејствување и поттикнување инвестиции во енергетски капацитети кои ќе произведуваат базна енергија.
„Употребата на батериите има своја улога, но неопходно е да се реализираат инвестиции со кои ќе се замени производството на струја од јаглен со гас или биомаса“,
кажа Бислимоски.
На панелот посветен на формирањето зони за побрза реализација на зелените инвестиции, учесниците ја истакнаа дигитализацијата на административните процеси при прибавување дозволи и документи како клучен предуслов за зголемување на бројот на инвестиции.
Говорниците, меѓу кои енергетичари и економисти, порачаа дека енергетската транзиција ќе биде целосно успешна само доколку ефектите ги почувствуваат и домаќинствата, а не само индустријата. Земјите од регионот мора да ги усогласат своите политики со цел полесно интегрирање со европскиот енергетски пазар.
