„Пошта на Северна Македонија“ денеска промовираше поштенска марка посветена на историскиот прв настап на фудбалерите на Европското првенство 2020, а на поканата за настанот не се одзва потпретседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Лазар Ракиџиев.
„За жал, потпретседателот на Фудбалската федерација не смогна сили да дојде и покрај поканата на овој настан кој е настан на целата држава, непотребно фрлен во сенка на еден искрен и чесен пристап на вработените на АД ‘Пошта на Северна Македонија’“,
рече генералниот директор на „Пошта“, Јани Макрадули.
На настанот не присуствуваа ниту селекторот Игор Ангеловски-Мрме ниту фудбалерите, но тие не дојдоа поради строгите ковид-протоколи на УЕФА.
„Со оваа промоција сакаме да им се заблагодариме на она што го направија досега, за радоста што ја приредија за целата држава и верувам дека ќе постигнат уште поголем успех. Ние веруваме во нив и верувам дека тоа ќе го покажат и на дело. Марката е со номинална вредност од 181 денар и е изработена во 6 000 примероци. Тоа е нашиот скромен придонес за еден огромен успех. Иако бевме договорени да бидат присутни и селекторот и дел од репрезентативците, за жал, поради ковид-протоколите од УЕФА, денеска не се тука со нас. Како најдобра компанија за достава во државата, ние потоа ќе ги однесеме примероците до сите репрезентативци“,
рече Макрадули.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Наумче Мојсоски, пак, очекува дека ваквиот начин на оддавање почит кон фудбалерите ќе биде поттик да направат добар резултат.
„Овој период е посветен само на нив, државата, нацијата дишат за нив. Тука сме ние како држава, како Агенција и дом за спортот да помагаме и да стоиме зад нив. Се надевам со многу вакви дела што државата ги прави ќе поттикнеме тие да направат добар резултат. Се надевам ќе го дадат својот максимум, пред сѐ посакувам да бидат здрави бидејќи здравјето е најважно. Гога тие се здрави, може да го дадат максимумот. Знаеме дека ќе направат сè за Македонија да се чувствува горда“,
рече Мојсоски кој се надева дека до почетокот на шампионат ќе се обезбеди и поголемо присуство на навивачи на трибините.
Успех на фудбалерите им посака и поранешниот младински репрезентативен Минас Османи.
„Со пласманот се исполни сонот на многу генерации и нашата држава првпат учествува на овој голем настан. Се надевам дека целата репрезентација ќе ја послужи здравје и ќе нè претстави на најдобар начин. Го поздравувам и претседателот на ФФМ, Сејдини, бидејќи тој заедно со играчите и селекторот Игор Ангеловски ќе биде запишан со златни букви во историјата поради придонесот во фудбалот“,
рече Османи.
