Посебни избирачки одбори составени од здравствени работници и претставници од политичките партии, на 13 јули ќе го спроведуваат гласањето во домовите на лицата кои се болни од ковид-19 или се во самоизолација, информираше денеска Државната изборна комисија.
„Членовите на тој одбор, ќе бидат опремени со лична заштита опрема која се состои од: мантил за еднократна употреба, ракавици за еднократна употреба, заштитна стандардна заштитна маска и средство за дезинфекција. Членовите, според утврдените протоколи заштитна опрема ја менуват по завршување на гласањето кај домот на секој гласач, односно толку пати колку што ќе одат да посетат домови на лица каде што има гласање“,
објасна Борис Кондарко, член на ДИК.
Лицето кое гласа мора да носи заштитна опрема – маска и ракавици. Пред и после гласањето задолжителна е дезинфекција на рацете, а во текот на процесот мора да се одржува задолжителното растојание од 1,5 до 2 метра.
Не се спроведува дезинфекција на гласачката кутија после секој гласач.
„После завршувањето на процесот, заштитната опрема на членовите на избирачкиот одбор се отстранува на пропишаниот начин“,
рече Кондарко.
Дел од здравствените лица реагираа за нивниот ангажман за изборниот процес.
Доктор Нико Беќаровски, научен советник и раководител на интензивна нега на Универзитетската клиника за токсикологија објави отворено писмо адресирано до министерот за здравство Венко Филипче, до премиерот Оливер Спасовски и до претседателот на ДИК, Оливер Деркоски во кое бара да се изземат медицинските работници од избирачките одбори за време на изборите, бидејќи како што вели, нивното место е покрај болничкиот кревет на пациентите, а не пред кутиите.
„Вчера добив мејл дека ДИК одлучила повторно да не врати во избирачките одбори. Во држава со преку 135.000 јавна администрација, од која најголем дел ги прележа овие четири месеци, оваа одлука е повеќе од небулозна. Во денови кога ниту со постојниот преостанат здравствен персонал не може да се обезбеди соодветна здрасвтвена заштита, наметнувањето на оваа нова нездравствена обврска ќе претставува колапс на веќе преоптоварениот здравствен систем. Членувањето во избирачки одбори е ангажман од најмалку пет дена. Зарем мислите дека во дадениов момент, нашето јавно здравство може да поднесе еден значаен дел од здравствените работници да е отсутен пет дена!Ако е така, зошто ни ги укинавте одморите“,
напиша Беќаровски.
Од Државната изборна комисија велат дека немаат законска можност да ги изземат медицинските лица од избирачките одбори, додека самите не поднесат такво барање до општинските изборни комисии.