Патријархот на СПЦ во своето обраќање на почетокот на средбата на членовите на Соборот на СПЦ со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, рече дека 55 години имало раскол со браќата од Македонија, иако тоа се луѓе кои се најблиски со Србите и обратно
Српскиот патријарх Порфириј денеска ја поздрави одлуката на Македонската православна црква-ОА за враќање на единството со Српската православна црква (СПЦ) и другите православни цркви.
Во своето обраќање на почетокот на средбата на членовите на Соборот на СПЦ со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, Порфириј рече дека СПЦ на тоа гледа како на чудо бидејќи не се очекувало дека е можно такво нешто, и за тоа му се заблагодари на Бог за таа интервенција.
Порфириј рече дека 55 години имало раскол со браќата од Македонија, иако тоа се луѓе кои се најблиски со Србите и обратно.
„Господ даде, како и молитвите и жртвите што ги принесоа архиепископот Јован и другите браќа од Охридската архиепископија, да се достигне она што очигледно беше копнеж и потреба, а тоа е воспоставување единство“,
рече патријархот.
Владиката Тимотеј, кој воедно е и портпарол на Синодот на МПЦ-ОА, по денешната координативна седница изјави дека се надева оти до крај на месецов Српската православна црква до Вселенската патријаршија ќе испрати предлог за автокефален статус на МПЦ.
Тој потоа соопшти дека Синодот на МПЦ-ОА на денешната седница одлучил да ја прифати поканата за заедничка литургија за помирување со СПЦ, која ќе се отслужи утре.