Откако доцна синоќа лидерот на ДУИ ги соопшти резултати од внатрепартиските избори, поразениот кандидат за шеф на огранокот во Куманово, Фитор Јакупи, го обвини потпретседателот и пратеник, Арбер Адеми, за влијание врз исходот со ветувања за вработувања или за отпуштање од работа на партиски активисти.
Јакупи вели дека е горд на извојуваните гласови имајќи ги предвид притисоците, уцените кои ги вршел и ветувањата кои што ги давал вториот човек на ДУИ, Арбр Адеми.
„Таборот на кој му припаѓав не се поколеба ниту за момент и до крај ја водеше политичката битка. Освоените 1 375 гласа од нашите активисти се чисти и се израз на нивниот и на револтот на граѓаните против различните групи кои партијата ја гледаат како приватна сопственост, а луѓето кои сакаат да придонесат ги гледаат како узурпатори на нивниот имот“,
пишува Јакупи на својот профил на Фејсбук.
„Неправилностите беа од најразлична природа, почнувајќи од ветувања за вработување, притисоци за отпуштање од работа, до купување гласови. Беа бришени од списоците голем број членови кои ние ги пријавиме за гласањето со што беше прекршен партискиот статут од страна на Арбр Адеми. Сето тоа тоа го прави овој процес недемократски, можеби правно легален, но не легитимен во очите на народот“.
напиша Јакупи.
На внатрепартиските избори во Демократската унија за интеграција во Куманово победи Ридван Асани, директор на Фондот за здравство. Изборот на прв човек на огранокот на ДУИ во Куманово отсекогаш бил тензичен и проблематичен, па дури и насилен. Едни од изборите завршија и трагично, со две жртви и неколку повредени лица. Поради тоа, ДУИ со години немаше легитимно раководство во овој дел од државата.