Неговото назначување ќе донесе вешт преговарач и дипломат во норвешката влада во време на глобални трговски тензии, оценува Ројтерс
Поранешниот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, со реконструкција на владата во Норвешка, денеска стана нов министер за финансии, заземајќи ја позицијата во време кога оваа нордиска земја ги мери ефектите од потенцијалната трансатлантска трговска војна.
Назначувањето на Столтенберг може да ја зајакне поддршката на лабуристите на анкетите пред парламентарните избори во септември.
Искусниот политичар беше премиер на земјата од 2000 до 2001 година и од 2005 до 2013 година. Тој ја водеше западната воена алијанса десет години, вклучително и за време на првиот мандат на американскиот претседател Доналд Трамп, а минатата година се повлече од функцијата.
Неговото назначување ќе донесе вешт преговарач и дипломат во норвешката влада во време на глобални трговски тензии, оценува Ројтерс.
„Овој тим е подготвен да ја води Норвешка во предизвикувачки времиња. Ќе донесеме политики кои ќе направат разлика во секојдневниот живот на луѓето и свесни сме за нестабилноста во светот од која е засегната Норвешка, како мала земја“,
изјави премиерот Јонас Гар Стоере за новинарите пред кралската палата по средбата на новата влада со кралот Харалд.
Во НАТО, Столтенберг го нарекуваат „шепотот на Трамп“ затоа што го убедил американскиот претседател да ја задржи земјата во алијансата откако за време на неговиот прв мандат се пожали дека сојузниците трошат премалку за одбрана и се заканувале дека ќе се повлечат.
Столтенберг требаше да стане шеф на норвешката централна банка во 2022 година, но тој не ја презеде функцијата откако тогашниот американски претседател Џо Бајден побара од него да остане на чело на НАТО уште некое време.