„За жал, Алекс Салмонд, поранешниот прв министер на Шкотска, кој беше еден од панелистите на вчерашниот форум за културна дипломатија што се одржа во Охрид, денеска ненадејно почина“, соопштија од канцеларијата на експреттседателот Ѓорге Иванов, која беше еден од коорганизаторите на настанот
Поранешниот прв министер на Шкотска, Алекс Салмонд, денеска ненадејно почина во Охрид, каде што учествуваше на вториот Форум за културна дипломатија чиј коорганизатор беше кабинетот на поранешниот претседател на државата, Ѓорге Иванов.
Трагичниот настан го потврдија од канцеларијата на Иванов, од каде што велат дека поранешниот претседател изразува длабоко и искрено сочувство до семејството на Салмонд.
„За жал, Алекс Салмонд, поранешниот прв министер на Шкотска, кој беше еден од панелистите на вчерашниот форум за културна дипломатија што се одржа во Охрид, денеска ненадејно почина“,
велат од Канцеларијата на Иванов.
Оттаму за државната новинска агенција МИА информираат дека вечерва ќе се одржи комеморација, на која свои обраќања ќе имаат Иванов, заменик-генералниот секретар на Обединетите нации и висок претставник на Алијансата на цивилизациите на ОН, Мигел Анхел Моратинос, како и дел од другите учесници на форумот. На комеморацијата, како што наведува агенцијата, ќе присуствува и претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова.
Од Министерството за внатрешни работи, односно од Секторот за внатрешни работи Охрид во изјава за „360 степени“ велат дека засега можат само да го потврдат настанот, а со повеќе информации најавуваат дека ќе излезат утре.
Инаку, Салмонд кој почина на 69-годишна возраст вчера имаше излагање на второто издадени на Форумот за културна дипломатија во коорганизација на кабинетот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, Алијансата на цивилизациите и Институтот за културна дипломатија од Берлин.
Алекс Салмонд функцијата прв министер на Шкотска ја извршуваше од 2007 до 2014 година.