Сепак, како што пишува Би-би-си, тој останува под истрага и може повторно да биде уапсен или да биде побаран на дополнителни испрашувања

Поранешниот принц Ендру, чие целосно име е Ендру Маунтбатен-Виндзор, по 12 часа е ослободен од полициски притвор откако вчера беше уапсен под сомнение за злоупотреба на јавна функција, пишуваат британските медиуми.
Сепак, како што пишува Би-би-си, тој останува под истрага и може повторно да биде уапсен или да биде побаран на дополнителни испрашувања. Според пишувањата, претресите на Ројал Лоџ, поранешниот дом на Ендру во Беркшир, ќе продолжат и денеска.
Претходно полицијата во Томас Вали ги заврши претресите во домот на Маунтбатен-Виндзор на имотот Сандрингам каде што беше уапсен.
Апсењето се случи откако полицијата од долината Темза соопшти дека претходно овој месец полицајците ги разгледувале наводите дека Маунтбатен-Виндзор му предал доверливи владини документи на Епстин, според досиејата неодамна објавени од американската влада.
Тој стана првиот висок член на кралското семејство уапсен по речиси четири века.
Маунтбатен-Виндзор претходно негираше дека сторил нешто лошо во врска со Епстин, а Би-би-си пишува дека не одговорил на нивните барања за коментар за ниту едно од обвинувањата поттикнати од објавувањето на досиејата на Епстин.
По апсењето на поранешниот принц Ендру, се огласи и кралот Чарлс наведувајќи оти законот мора да се спроведува.
„Со најдлабока загриженост ја примив веста за Ендру Маунтбатен-Виндзор и сомневањето за злоупотреба на јавната функција. Она што сега следува е целосен, фер и соодветен процес, во кој ова прашање ќе биде истражено на соодветен начин и од страна на надлежните органи“,
се наведува во изјавата на британскиот крал.
Тој повтори дека истрагата ја „има нашата целосна и безрезервна поддршка и соработка“.
„Јасно ставам до знаење: законот мора да се спроведува“,
истакна кралот Чарлс додавајќи оти нема повеќе да коментира сè додека трае процесот.
Вчера, британската полиција соопшти дека привела 66-годишен маж од Норфолк под сомнение за недолично однесување на јавна функција и оти се вршат претреси на адреси во Беркшир и Норфолк.
Полицијата не го откри името на приведениот со образложение дека истрагата е во тек.
