Според Нермин Никшиќ, актуелен претседател на СДП, македонскиот премиер најмногу го чинело преземањето иницијатива за решавање на деценискиот спор со соседна Грција и промената на името во Северна Македонија, за што била потребна храброст
Поранешниот премиер на БиХ, кој беше на оваа функција од 2011 до 2015 година, и актуелен претседател на Социјалдемократската партија (СДП), Нермин Никшиќ, на својот фејсбук-профил објави реакција за оставката на македонскиот премиер Зоран Заев, при што наведува дека на тој начин ја презел одговорноста за поразот на локалните избори во Македонија.
„Зоран Заев, мојот пријател, ја презеде целосната одговорност за поразот на неговата партија на локалните избори, па поднесе оставка како претседател на СДСМ и премиер на Северна Македонија. Постојано покажуваше дека интересот на граѓаните на Северна Македонија му е на прво место, а не пропушташе можност да покаже колку ја сака и цени Босна и Херцеговина“,
вели Нкшиќ во својата објава на Фејсбук.
Тој вели дека Заев со својата оставка потврдил дека е еден од најморалните политичари и лидери од поранешна Југославија.
Нагласува дека Зоран Заев и СДСМ се директни жртви на катастрофалната и лицемерна политика на Европската Унија во земјата, но и во целиот регион.
„Без да навлегуваме кој и на кој начин ќе го замени, Зоран ќе остане запаметен како храбар човек и лидер. Политичар кој се бореше со сите македонски проблеми кои со децении беа туркани под тепих, а со кои неговите националистички претходници не смееја ни да помислат да се справат“,
вели Никшиќ.
Смета дека македонскиот премиер најмногу го чинело преземањето иницијатива за решавање на деценискиот спор со соседна Грција и промената на името во Северна Македонија, но, како што нагласува, за такво нешто била потребна храброст.
На крајот од својата објава Никшиќ вели дека му било чест да соработува Заев, човек кој вистински ја сакал Босна и Херцеговина, и дека засекогаш ќе остане остане пријател со македонскиот премиер во заминување.