Илјадници луѓе беа убиени за време на бруталната војна на Дутерте против дрогата во периодот од 2016 до 2022 година додека тој беше претседател на Филипините
Филипинската полиција го уапси поранешниот претседател на земјата Родриго Дутерте откако Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог со кој го товари за злосторства против човештвото сторени за време на неговата смртоносна војна против дрогата, пренесоа светските медиуми.

Според соопштението од кабинетот на актуелниот филипински претседател Фердинанд Маркос Јуниор, на Дутерте му бил врачен налогот за негово апсење од Интерпол откако тој пристигнал на главниот аеродром во Манила, по што бил уапсен.
Инаку, како што потсетува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа, илјадници луѓе беа убиени за време на бруталната војна на Дутерте против дрогата, во периодот од 2016 до 2022 година додека тој беше претседател на Филипините.
Седумдесет и деветгодишниот Дутерте од своја страна ги бранеше ваквите дејствија отфрлајќи ги наводите дека издавал наредби за убиства на осомничените и тврдејќи дека налозите доаѓале од полицијата кои се однесувале на случаи во кои станувало збор за самоодбрана.
Салвадор Панело, поранешниот портпарол на Дутерте, го осуди апсењето оценувајќи го како незаконско бидејќи, како што рекол, Филипините се повлекле од Меѓународниот кривичен суд.
Од Судот, пак, претходно соопштија дека има јурисдикција на Филипините во врска со наводните злосторства извршени пред земјата да го повлече своето членство во ова меѓународно тело.
Апсењето доаѓа откако Дутерте ги повлече Филипините од договорот за формирање на Судот во 2019 година, кој почна да ги истражува наводите за систематски убиства под негов надзор, без претходна судска постапка.
Филипините до минатата година одбиваа да соработуваат со истрагата на МКС за наводни злосторства против човештвото.
Во врска со последниот развој на настаните, ќерката на Дутерте објави видео од него во кое тој ги доведува во прашање причините за неговото апсење.
„Кој е законот, а кое е злосторството што сум го направил…Ме доведоа овде против моја волја. Сега вие мора да одговарате за лишувањето од слобода“,
вели Дутерте во видеото, од кое не е јасно со кого разговара.
Според податоците на полицијата, 6 200 осомничени се убиени за време на операциите за борба против дрогата, но, активистите за човекови права тврдат дека вистинскиот биланс е многу поголем и дека илјадници луѓе се убиени под мистериозни околности.
Полицијата негира вмешаност во убиствата и ги отфрла обвиненијата на групите за човекови права за систематски егзекуции и прикривање.
Организацијата „Хјуман рајтс воч“ го поздрави апсењето на поранешниот филипински претседател, нарекувајќи го „клучен чекор за одговорноста на Филипините“, додавајќи дека властите на земјата сега треба брзо да го екстрадираат Дутерте на Меѓународниот кривичен суд.