Судот, како што се вели во соопштението, оценил дека сè уште постојат околности за опасност од бегство и ризик тој да влијае врз лица што треба да сведочат во постапката

Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје ја потврди мерката притвор од 30 дена за поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, со што го отфрли барањето на одбраната како неосновано. Со ова се потврдува решението на судијата на претходна постапка.
Осомничениот се гони за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание.
Судот, како што се вели во соопштението, оценил дека сè уште постојат околности за опасност од бегство и ризик тој да влијае врз лица.
Стафа беше уапсен во саботата, а во објаснувањето за тоа што претходело на неговото апсење од ОЈО ГОКК рекоа дека во периодот од октомври до 13 декември 2025 година, осомничениот примил вкупно 50 000 евра за да посредува и да го искористи своето реално влијание со цел интервенција кај судија во Апелацискиот суд Скопје. Намерата била, како што велат, преку поткуп, да се влијае врз извршување службено дејствие кое не смеело да биде преземено.
Непосредно по примањето на парите, осомничениот бил лишен од слобода, при што кај него биле пронајдени и одземени паричните средства.
Инаку, лицето за кое поранешниот државен правобранител Фехми Стафа требало да издејствува укинување на мерката притвор е осомничениот во случајот „Синџир“, Љупчо Пецов-Ѓаволот.
Стафа, кој е адвокат на Пецов во овој случај, пред неколку месеци поднел барање за замена на мерката притвор со куќен притвор во отсуство на Пецов, за што била понудена и гаранција.
