„Од анализираните 360 поранешни и сегашни функционери, 41 се јавуваат како вистински сопственици во некоја фирма, а 23 од овие функционери целосно или делумно ги сокриле своите удели во фирми кога доставувале изјава за интереси до ДКСК“, пишува во анализата
Преку Регистарот на вистински сопственици се откриени сопствеништва во фирми на политички експонирани лица, како градоначалници и министри, кои не им се пријавени во изјавите за интереси доставени до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Ова го покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, Здружението на даночни советници и „Активо“, објавено денеска, а се однесува за откривање евентуални судири на интереси и злоупотреба на моќ при јавните набавки кај политички експонираните лица.

„Од анализираните 360 поранешни и сегашни функционери, 41 се јавуваат како вистински сопственици во некоја фирма, а 23 од овие функционери целосно или делумно ги сокриле своите удели во фирми кога доставувале изјава за интереси до ДКСК“,
пишува во истражувањето.

Според истражувањето, можат да се издвојат неколку случаи од откриената неусогласеност на податоците што
упатуваат на криење на бизнис-интересите на политички експонираните лица.
Првиот случај се однесува на градоначалник кој во Регистарот на вистински сопственици е евидентиран како сопственик во пет трговски друштва, со удели коишто се движат меѓу 34 отсто и 100 отсто. Во својата изјава за интереси, истиот градоначалник го пријавил сопствеништвото само во две од петте фирми. Трите останати фирми не се наведени во доставената изјава за интереси. Дел од овие фирми се јавуваат како носители на договори за јавни набавки и за концесија за ископ на минерални суровини.
Поранешен министер, пак, во Регистарот на вистински сопственици е евидентиран како 100 отсто сопственик на аптека. Но, во изјавата за интереси тоа правно лице од негова страна е наведено како сопственост на сопругата.
Разликите во податоците за бизнис-интересите на функционерите укажуваат на отсуство на соодветна проверка и верификација на точноста на податоците и во Регистарот на вистински сопственици, и во изјавите за интереси што избраните и именуваните лица ги доставуваат до ДКСК.
Така, неусогласеност е забележана кај поранешен министер, кој во Регистарот на вистински сопственици се јавува како сопственик на 50 отсто од трговско друштво, додека пак во изјавата за интереси е наведено дека фирмата е во негова 100 отсто сопственост.
Во рамките на истражувањето, воочени се неколку примери во кои носители на функции се откажуваат од сопствеништвото во фирмите.
„Фирми во сопственост на градоначалници и поранешни министри добивале договори за јавни набавки, концесии и лиценци доделени од државни институции“,
се вели во истражувањето.
Според него, на граѓаните, новинарите и граѓанските организации им е оневозможено активно да учествуваат во откривање на евентуални судири на интереси и злоупотреба на моќ од страна на носителите на функции.
„Регистарот на вистински сопственици не е јавно отворен и за информациите во него се плаќа, а податоците за бизнис-интересите на функционерите во јавно достапниот електронски систем на ДКСК се нецелосни“,
пишува во анализата.
Се посочува и дека, во изјавите за интереси до ДКСК функционерите пријавуваат податоци само за најтесното семејство со кое живеат под ист покрив, а изјавите доставени до ДКСК до крајот на 2023 година ги има само во хартија и не се достапни на специјализираниот веб-портал.