Авторот на популарната апликација која ги презентира податоците за аерозагадувањето „Мој воздух“, Горјан Јовановски и актуелната советничка во Советот на Град Скопје, поранешен член на „Левица“, Драгана Велковска ќе бидат носители на советничката листа на Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ на претстојните локални избори во Скопје.
Тие посочија дека влегуваат во изборната трка за Советот со непартиска коалиција, чие јадро го сочинуваат долгогодишни активисти-волонтери посветени на заштита на животната средина, социјалната правда, заштитата на животните и урбаната мобилност.
„Нашата кампања е насочена исклучиво на тој Совет наместо на индивидуалните општини, бидејќи го сметаме Скопје за органска целина која мора да биде третирана холистички. Советот ги има најголемите надлежности во сферите на делување на членките на ЗХГ, и од таму почнува долгиот пат кон сеопфатна институционална промена и враќање на значењето на поимот демократија во ова општество“,
велат од Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“.

Одлуката да излезат на претстојните избори, како што нагласуваат „е резултат на долгогодишното исклучување и изневерување на довербата на граѓаните од политичарите, кое куминирало по серијата одбивања на предлозите од платформата „МојГрад“.
Од Граѓанската инцијатива „Зелен хуман град“ најавија дека советничката листа со која ќе настапат на изборите ќе ја комплетираат со јавен конкурс токму преку „МојГрад“, преку отворен процес на кандидирање.
„Со тоа, за прв пат на овие избори ќе биде реализиран идеалот за обединување на активистите од една и обичните граѓани од друга страна. Ваквиот иновативен пристап е продолжение на битката за локален суверенитет која секојдневно се одвива на ‘МојГрад’, преку предлозите на корисниците на платформата“,
нагласуваат од иницијативата.
„Зелен хуман град“ е неформална коалиција на локални активистички организации од Скопје основана на 16 септември, минатата година.