Според полицијата, поранешниот директор доби кривична пријава за две кривична дела за злоупотреба на службената положба и овластување. Во првиот случај за склучени договори за закуп, а во вториот случај за набавка на храна и угостителски услуги
Струмичката полиција поднесе кривична пријава до тамошното Основно јавно обвинителство (ОЈО) против З.Г. (56) поранешен директор на Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“-Струмица, против самото јавно претпријатие, против Г.Б. (52) и едно правно лице, сите од Струмица, поради сомнежи за сторено кривично дело – бесправно градење.

Во описот на стореното дело, од полицијата информираат дека Јавното претпријатие, застапувано од поранешниот директор З.Г., заедно со правно лице застапувано од Г.Б., изградиле објект од втора категорија што се користел како деловен простор, без издадено соодветно одобрение за градба од Општина Струмица.
Поранешниот директор на „Комуналец“-Струмица доби уште една кривична пријава за две кривична дела за злоупотреба на службената положба и овластување.
Во првиот случај, З.Г. склучувал договори за закуп на простор со правно лице од Струмица – бесправно изградена натстрешница изградена на зелена површина, и тоа со непосредна спогодба, без законска основа и без согласност од Општината. На тој начин е оштетен буџетот на Општина Струмица, а ЈПКД „Комуналец“ остварило имотна корист од 847 126 денари.
Во вториот случај, во периодот од 2020 до 2023 година, З.Г. со истото правно лице вршел набавка на храна и угостителски услуги без да се спроведе постапка за јавна набавка, што е спротивно на Законот за јавни набавки, со изговор дека храната е набавена за работници што работеле прекувремено. На фактурите нема детални податоци за тоа што е набавено ниту, пак, постои дополнителна документација со која може да се потврди кои лица ги користеле оброците и дали навистина работеле прекувремено.
Со ова му е нанесена штета на јавното претпријатие во износ од 307 800 денари.