Честитки до верниците кои денеска го прославуваат Велигден упатија шефот на државата, премиерот, претседателот на Собранието, како и лидерите на политичките партии
Државниот врв денеска упати честитки до сите христијански верници што го прославуваат големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден според Грегоријанскиот календар.
Претседателот на државата Стево Пендаровски, честитајќи го Велигден вели дека овој празник треба да нѐ поттикне, следејќи го Христовиот пример, активно да учествуваме во изградбата на праведно и хумано македонско општество со јасни морални вертикали, а со тоа и во обновата на надежта.
Премиерот Талат Џафери во честитката вели дека Велигден ја слави победата на животот над смртта и оти како и сите големи празници, и Велигден е извор на духовна сила на луѓето за надминување на предизвиците кои ги носи животот со трпение и мудрост. Џафери во честиката ја нагласува и важноста на мирот, просперитетот и солидарноста меѓу граѓаните.
Претседателот на Собранието, Јован Митрески, во честитката од свое, но и од името на пратениците, на верниците им посака овие денови на празнување да донесат спокој и љубов во секој дом, во секое срце. Верските празници и нивното празнување, напиша Митрески во честитката, нѐ обединуваат и нѐ потсетуваат дека духовната мир, љубовта и почитта кон сите се вистинските вредности за кои треба да се бориме и кои треба да ги промовираме.
Честитки до верниците стигнаа и од лидерите на партиите.
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, во честитката напиша „овој голем празник нека ја обнови вербата кај секого за добри и храбри дела, за меѓусебно разбирање и толеранција, на патот кон заедничкото добро, да донесе мир и спокој во секој дом“.
Честитка до верниците кои денеска го прославуваат Велигден упати и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во која се вели дека волјата, како и верата се нашата најголема сила и само сплотени можеме да ги искористиме за добри дела.