Пораки од мобилниот телефон на Бојан Јовановски-Боки 13 беа презентирани меѓу материјалните докази на денешното рочиште за случајот „Меѓународен сојуз“, каде што тој е првообвинет за измама и за перење пари.
На рочиште имаше тензии на релација помеѓу Јовановски и судијката Софче Гаврилова-Еферемова, а по неколку предупредувања, таа го отстрани од судница.
Судијката се реши на ваков чекор откако обвинетиот Јовановски ѝ се обрати „дека ќе ја отстранат и затоа е сервилна“.
„Поради нарушување на редот во судницата и крајно навредување и непочитување на судот, обвинетиот Бојан Јовановски се отстранува од судница“,
рече Гаврилова-Ефремова.
Претходно, исто така, поради попречување на презентација на доказите, беше отстранет и неговиот татко, Миле Јовановски.
Кога станува збор за доказите, се презентираа пораки на Јовановски, меѓу кои и од апликацијата „Ватсап“, разменети со актуелниот премиер Зоран Заев и поранешниот пратеник Александар Кирацовски. Презентираните докази (разговори), според обвинителката Гаврилова, се од 2017 година.
Во една од презентираните пораки што ги читаше обвинителката, како што јави МИА, јавноста имаше можност да види како обвинетиот Јовановски преку порака го контактира премиерот Заев во која бара да одвои време за една средба.
„Проектот ќе биде од национално значење, ќе бидат вработени 200 луѓе. Замолувам за средба. Отворена е некоја истрага за големи пари, што е тоа?“,
пишува обвинетиот.
На ова барање премиерот Заев му одговара дека ќе се видат и дека МВР ќе направи истрага и оти се надева дека сѐ е легално.
Меѓу пораките имаше и комуникација со бизнисменот Адријан Амзоски, кој според обвинението заедно со Силјан Мицевски биле измамени за проекти за домови за стари лица. Од презентираните материјали, можеше да се види како Амзоски на обвинетиот Боки-13 му праќал слики од различни катастарски парцели, од кои дел во Карпош.
Следното рочиште е закажано за 10 декември.
Во предметот, покрај Бојан Јовановски, обвинети се и: Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ, заменик-претседателка на невладината организација „Меѓународен сојуз“, и асистентката на Боки, Христина Блажевска, за помагање во делата измама и перење пари, како и Фросина Ременски за помагање во делото измама. Таткото на Боки, Миле Јовановски, пак, е петтообвинет за помагање во перењето пари и за делото неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје, бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола. Како правно лице обвинета е и невладината организација.