Иако Здравев не кажа конкретно име, неофицијално, како што посочија и дел од медиумите, станува збор за поранешната в.д. претседателка на скопска „единица“, која дојде на функцијата по Владимир Панчевски
Судскиот совет на денешната седница донесе одлука за разрешување на судијка од Основниот кривичен суд во Скопје поради нестручно и несовесно вршење на функцијата, односно поради повреди на судскиот деловник по однос на примената на АКМИС, кој се однесува на распределбата на предметите.
„Не можам да ви кажам за кого одлучувавме, но факт е дека имавме посебна точка за утврдување одговорност на судија и нашата одлуката е дека се разрешува од функцијата судија на конкретниот суд поради повреда на одредбите од судскиот деловник по однос на примената на АКМИС. Подетално не можам да ви кажам за предметот од причини што мораме да ја почитуваме презумцијата на невиност. Кога одлуката ќе стане правосилна и ние ќе објавиме во ‘Службен весник’ со одреден мал степен на анонимизирање“,
изјави претседателот на Судскиот совет Киро Здравев по одржување на седницата.
Иако Здравев не кажа конкретно име, неофицијално, како што посочија и дел од медиумите, станува збор за поранешната в.д. претседателка на Кривичен, Татјана Михајлова, која на функцијата дојде по Владимир Панчевски, кој со првостепена пресуда доби три и пол години затвор токму за злоупотреби со АКМИС. Нејзиното име се споменуваше во таа судска постапка, односно дека добивала предмети како подобна судијка. По изјавата на Здравев, кој поради презумцијата на невиност не откри ниту име, ниту повеќе детали како бил злоупотребен електронскиот систем за распределба на предмети, останува нејасно дали меѓу причините се и злоупотреби на АКМИС во нејзиниот мандат како в.д. претседателка.
Постапката е водена околу година и половина, а една од причините е и недоаѓањето на судијката на закажаните расправи во советот. Одлуката за разрешување не е правосилна, а судијката има право на жалба и до Врховен.
Михајлова стана в.д. претседателка на Кривичен во декември 2016 година, а во март 2017 си поднесе оставка. Пред да стапи на функцијата, таа беше позната и по тоа што во нејзини раце се падна случајот „Насилството во Центар“ на СЈО, каде што меѓу обвинетите беа Никола Груевски и Миле Јанакиески, предмет за кој тогаш одлучи дека „бомбите“ не може да се користат како доказ.
Михајлова потоа беше тргната од областа на кривичните предмети, а како што стои и денеска на веб-страницата на Основниот кривичен суд, областа во која се води дека моментално работи е прекршочната материја.

Покрај неа, денеска судот донесе одлука за престанок на функцијата на уште една судијка од Основниот суд во Куманово, но не поради несовесно и нестручно работење, туку затоа што наполнила 62 години и има 15 години стаж, па самата, од здравствени причини и поради исполнување на условите за пензија, побарала престанок на функцијата.
Во текот на 2020 година, како што информираше Здравев, имало постапки за 107 судии.
„Некои се однесуваат на 2-3 судии, а некои поединечни судии. Меѓутоа, постојат барања за утврдување одговорност, поднесени и покрената постапка пред Судски совет, за околу 107 судии“,
изјави Здравев.
Има и барања за утврдување одговорност на двајца судии во врска со случајот што го откри обвинителката Вилма Русковска, велејќи дека во фиока на починат курир биле пронајдени околу 1 500 платни налози за прекршоци и мандатни казни кои не биле доставени, со што државниот буџет е оштетен за 20 милиони денари. Формирани се комисии и определен е известител, а постапката е во тек. Судскиот совет сега ќе ги испитува сомнежите дали судиите воделе сметки за предметите кои биле нивна надлежност.