По состанокот на Северноатлантскиот совет, на кој се разговараше за ситуацијата во Косово, сојузниците, како што се наведува во соопштението, изразиле длабока загриженост за растот на тензиите на северот на Косово и одлучиле да испратат дополнителни сили
НАТО одлучи да испрати дополнителни сили на северот на Косово поради зголемените тензии по убиството на косовскиот полицаец во селото Бањска минатиот викенд.
По состанокот на Северноатлантскиот совет, на кој се разговараше за ситуацијата во Косово, сојузниците, како што се наведува во соопштението, изразиле длабока загриженост за растот на тензиите на северот на Косово.
„Од мај го зголемивме присуството и држењето на КФОР. Само вчера, на 28 септември, Северноатлантскиот совет одобри дополнителни сили за решавање на сегашната ситуација“,
се вели во соопштението, без да се прецизира колку дополнителни сили се одобрени.
Во соопштението на Организацијата, двете страни се повикуваат на деескалација и ги повикуваат Белград и Приштина да се вклучат во дијалог со посредство на Европската Унија, како единствен начин за решавање на отворените прашања и постигнување решенија кои ќе доведат до трајна безбедност во регионот.
Мисијата на НАТО во Косово наведува дека продолжува тесно да соработува со сите релевантни актери во Белград и Приштина, како и со ЕУЛЕКС, ОБСЕ, мисијата на Обединетите нации на Косово и дипломатската заедница.
„КФОР одржува видливо и агилно присуство низ Косово. Секогаш ќе ги преземеме сите неопходни активности за одржување на безбедна средина и слобода на движење за сите луѓе кои живеат во Косово. Тоа го правиме непристрасно и во согласност со нашиот мандат на ОН“,
велат од КФОР.
Косовските власти го сметаат нападот во Бањска за терористички и за тоа ја обвинуваат Србија, додека Белград негира дека има некаква врска со нападот.
Групата што ја нападна косовската полиција, како што тврди Приштина, била предводена од Милан Радоичиќ, потпретседателот на Српската листа, која има поддршка од Белград. Приштина овие тврдења ги темели на видеоснимки снимени за време на нападот, тврдејќи дека на нив се гледа Радоичиќ.
Денеска, во изјава што за медиумите ја прочита адвокатот на Радоичиќ се вели дека „потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ, ја презеде целосната одговорност за настаните во селото Бањска на северот на Косово“.