Од Центарот за управување со кризи ги повикуваат граѓаните да постапуваат одговорно и внимателно и да ги следат препораките од надлежните служби, а за навремена помош и пријава на опасности или итни случаи да го користат единствениот број за итни повици – 112
Поради лоши временски услови Центарот за управување со кризи (ЦУК) доцна вечерва извести дека неколку патни правци во западниот дел од државата се тешко проодни за сообраќај и упати апел до возачите на особена внимателност.

На единствениот повикувачки број за итни случаи – 112, како што информираат од ЦУК, се пријавени повеќе случаи на заглавени возила, а евидентирано е и едно излетување од пат.
„По добиени информации од регионалните центри, како тешко проодни се евидентирани патните правци: Скопје – Тетово, Тетово – Гостивар, Маврово – Дебар, Кичево – Охрид, како и патниот правец Козјак – Скопје, како и повеќе регионални патишта во западниот дел на државата“,
се наведува во известувањето од ЦУК.
Од Центарот ги повикуваат граѓаните да постапуваат одговорно и внимателно и да ги следат препораките од надлежните служби, а за навремена помош и пријава на опасности или итни случаи да го користат единствениот број за итни повици – 112.
Предходно од ЦУК известија дека денеска, во попладневните часови, на одделни патни правци е констатирана појава на врнежи од ледени зрна, кои предизвикуваат брзо и ненадејно заледување на коловозите, особено на повисоките места и планинските предели.
„Се апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат зголемена внимателност, да ја прилагодат брзината според условите на патот, да одржуваат поголемо безбедно растојание и задолжително да користат соодветна зимска опрема“,
се вели во известувањето од ЦУК.
Државната новинска агенција МИА вечерва пренесе дека десетина возила учествувале во три одделни сообраќајни несреќи на автопатот Тетово – Гостивар, поради што сообраќајот кај „Неготинска клучка“ се одвива забавено.
Според информации, причина за сообраќајките биле неприспособената брзина и голомразицата.
Портпаролот на Секторот за внатрешни работи (СВР) Тетово, Фатмир Реџепи, за агенцијата потврдил дека полициски екипи се терен и работат на нормализирање на сообраќајот и расчистување на коловозот.
Сообраќајките, според информациите, се случиле во краток временски рок и на мала оддалеченост.
