Русија и Украина се важни извозници на масла за јадење и произведуваат околу 30 отсто од светското производство на пченица, а воениот конфликт во Украина го загрозува глобалното производство на житни култури, снабдувањето со масла за јадење и извозот на ѓубрива, предизвикувајќи нагло зголемување на цените на основната храна, што се случува и на енергетските пазари
Глобалната прехранбена криза предизвикана од руската инвазија врз Украина денеска ескалира откако Индонезија одлучи да го ограничи извозот на палмино масло, приклучувајќи се на листата на клучни земји кои сакаат да ја задржат основната храна во своите граници.
Индонезискиот министер за трговија Мухамед Луфти рече дека ограничувањето на извозот има за цел да обезбеди зголемување на домашните резерви, а цените на маслото за јадење во земјата да останат достапни за потрошувачите.
Русија и Украина се важни извозници на масла за јадење и произведуваат 30 отсто од светското производство на пченица, а воениот конфликт во Украина го загрозува глобалното производство на житни култури, снабдувањето со масла за јадење и извозот на ѓубрива, предизвикувајќи нагло зголемување на цените на основната храна, што се случува и на енергетските пазари.
Украина денеска соопшти оти го забранила извозот на широк спектар земјоделски производи, вклучувајќи јачмен, шеќер и месо до крајот на годината.
Украинскиот министер за аграрна политика и храна Роман Лешченко рече дека чекорите се преземени „за да се спречи хуманитарна криза во Украина“ и „да се задоволат потребите на населението за критични прехранбени производи“.
Руско-украинскиот конфликт го прекина снабдувањето со стоки од регионот на Црното Море и ја загрозува жетвата бидејќи цените на ѓубривата се зголемија поради поскапувањето на цените на гасот, а руското Министерство за индустрија препорача привремен прекин на извозот на ѓубрива.
Светските цени на храната се искачија на рекордно високо ниво во февруари, зголемувајќи се за 20,7 отсто на годишно ниво, според Агенцијата за храна на ОН, и продолжуваат да растат.
И Србија објави дека забранува извоз на пченица, пченка, брашно и масло за јадење.
Бугарија, исто така, најави дека ќе ги зголеми резервите на жито и би можела да го ограничи извозот додека не ги исполни планираните резерви.