Од полицијата апелираат до граѓаните да не тргнуваат кон ГП „Блаце“ до гасење на пожарот и нормализирање на сообраќајот, за што велат дека навреме ќе ја информираат јавноста

Сообраќајот на патот од Стенковец кон граничниот премин „Блаце“ е во целосен прекин во двете насоки на движење, информираа попладнево од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Оттаму додаваат дека затворен е и граничниот премин „Блаце“.
Затворањето на овој патен правец е поради ширење на пожарот во близина на Блаце, кој веќе два дена е активен.
Од МВР велат дека се во координација со другите надлежни институции и се преземаат мерки за гасење на пожарот.
Од полицијата апелираат до граѓаните да не тргнуваат кон ГП „Блаце“ до гасење на пожарот и нормализирање на сообраќајот, за што велат дека навреме ќе ја информираат јавноста.
Претходно од МВР рекоа дека двата полициските хеликоптери, кои активно учествуваат во гасење на пожарот кај Блаце, за време на денешната интервенција исфрлиле повеќе од 70 тони вода.
Последната информација денеска од Центарот за управување со кризи (ЦУК) беше дека еден од двата крака од големиот пожар што вечера избувна помеѓу селата Блаце и Чучер е изгаснат, додека другиот е сè уште активен и се шири кон непристапен ридско-планински терен.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов вели дека во пожарот претежно се зафатени грмушки и нискостеблести растенија, неквалитетна шума и трева, а на неколку места е спречено ширењето на пожарот кон квалитетна борова шума околу стрелиштето Стенковец.
Ангелов додава и дека многубројни противпожарни екипи на скопската Противпожарна бригада со поддршка на полициски и армиски хеликоптери се борат да се справат со огнената стихија.
Како поддршка на екипите на скопската Противпожарна бригада дејствуваат два хеликоптери на Министерството за внатрешни работи (МВР), еден хеликоптер на Армијата, како и по еден „пинцгауер“ и „хермелин“ на Дирекцијата за заштита и спасување.
Како што изјави утрово директорот на ДЗС, Ангелов, најверојатна причина за пожарот е фрлено догорче од цигара од возило во движење или намерно потпалување.