Од членовите на Советот денеска беше отсутна Јелена Догазанска-Колева, поради што нејзиниот колега Ермон Незири предложи, а мнозинството членови прифатија одлуката за вршител на функцијата државен јавен обвинител да се донесе во полн состав
Советот на јавните обвинители за в понеделник ја одложи седницата на која треба да определи вршител на функцијата државен јавен обвинител откако Љупчо Коцевски пред два дена си поднесе неотповиклива оставка.

Одложувањето дојде на предлог на членот на Советот, Ермон Незири, а причина беше отсуството на членката на ова тело, Јелена Догазанска-Колева, од денешната седница на која требаше да се расправа по оваа единствена точка на дневниот ред.
Имено, веднаш по почетокот на седницата, која започна со 45-минутно задоцнување, за збор се јави Незири. Тој рече оти смета дека за определување вршител на функцијата државен јавен обвинител Советот треба да одлучува во полн состав, а имајќи предвид дека Догазанска-Колева е отсутна од оправдани причини, расправата треба да се одложи за неколку дена за да може да се донесе кредибилна одлука.
„Имам дилема, колешката е отсутна. Според мене, се работи за висока институција во државата. Ние немаме технички помагала да можеме да ја вклучиме, за жал. Дали евентуално би можело да се одложи за ден-два, за да дојде колешката, за да може Советот кога ќе излезе со став секој член да си го каже својот. Предлагам да ја одложиме седницата до понеделник. Колку што знам, колешката во понеделник ќе се врати. Евентуално, за да може да се избере и назначи в.д. како што е редот, со сите членови, да можат јавно да се изјаснат и секој да го каже својот став за кандидатот“,
рече Незири.
Предлогот го поддржа неговиот колега Ардиан Демири, по што тој беше ставен на гласање.
„ Станува збор за чувствителен момент и сметам дека не би било лошо да ја почекаме колешката“,
рече Демири.
Сите деветмина членови на Советот (кој, инаку, со државниот јавен обвинител брои вкупно 11) што беа присутни денеска гласаа за одложување на расправата.
Претседателот на Советот на јавните обвинители, Башким Бесими, кој на функцијата беше избран минатата недела, рече дека седницата ја презакажува за в понеделник, во 11 часот.
Инаку, најавувајќи го дневниот ред за седницата, Бесими наведе дека во соопштението на веб-страницата е направена техничка грешка, односно дека наместо според став 4 од членот 25 од Законот за Јавното обвинителство е наведено дека вршителот на функцијата државен јавен обвинител се определува врз основа на ставот 3 од истиот член.
Според ставот 4 од членот 25 на Законот за јавното обвинителство, вршителот на функцијата треба биде определен од редот на јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Тој што ќе биде определен, функцијата ќе ја врши до изборот на нов државен јавен обвинител, но не подолго од шест месеци.
„Ако на јавниот обвинител на Република Северна Македонија му престане функцијата или е разрешен од функција, Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија од редот на јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија определува јавен обвинител што ќе ја врши функцијата до именувањето на јавен обвинител на Република Северна Македонија, но не подолго од шест месеци“,
се вели во ставот 4 од членот 25 од Законот за Јавното обвинителство.

Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, кое највисоко во хиерархијата, брои 10 члена – Анита Тополова-Исајловска, Исмаил Дарлишта, Соња Симовска, Ферат Елези, Џелал Бајрами, Елвин Вели, Лиле Стефанова, Наум Паноски, Валентина Стојановска и Златко Биковски.
Инаку, Собранието сè уште не ја почнало постапката за избор на нов државен јавен обвинител, а во која првиот чекор е објавување оглас на кој ќе можат да се пријавата заинтересирани кандидати кои ги исполнуваат условите да раководат со единствениот орган во државата кој е надлежен за гонење сторители на кривични дела.
Доскорешниот државен јавен обвинител, Љупчо Коцевски, во вторникот на прес-конференција соопшти дека поднел неотповиклива оставка од функцијата.
Коцевски за одлуката информира во очи собраниската седница на која требаше да се разгледува предлогот на Владата за негово разрешување од функцијата.
До расправа во Собранието воопшто не дојде бидејќи, како што информира претседателот на законодавниот дом на почетокот на седницата, разгледувањето на оваа точка станува беспредметно, имајќи ја предвид поднесената оставка на Коцевски. Во таа насока тој само ја констатира оставката на Коцевски.
Коцевски, во изјавата за медиумите во заградата на Јавното обвинителство, рече дека од функцијата заминува со гордо крената глава, но и со разочараност поради, како што наведе, очигледното непочитување на принципите врз кои почива правната држава.
Тој наведе дека негово разрешување се барало не затоа што сторил крупна дисциплинска повреда, туку затоа што јавно говорел дека Обвинителството работи во тешки услови, без доволно кадар и ресурси. А, тоа, како што посочи Коцевски, е поради недоволните средства што Јавното обвинителство ги добива од државниот буџет за што одлучува Владата.
Во тој контекст, тој посочи на последниот извештај на Европската комисија (ЕК) во кој најголема критика, како што кажа, беа политичките притисоци врз правосудството, кои ја парализираат борбата со корупцијата.
„Предлогот за мое разрешување е вистински пример за тоа, кој, верувам, ќе се најде во следниот извештај“,
рече тој.
