Како што изјави претседателот на СУТКОЗ, Стојанче Кашиковски, на вработените сè уште не им се исплатени платите за август и покрај законскиот рок до 15 септември
Вработените од Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ и од фирмите ќерки на претпријатието „Флораком“ и „Луна“, кои изминатиот период протестираат поради неисплата на плати, од утре најавија радикализирање на протестите и блокади на повеќе крстосници во Скопје.

Како што изјави претседателот на Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва (СУТКОЗ), Стојанче Кашиковски, на вработените сè уште не им се исплатени платите за август и покрај законскиот рок до 15 септември. По вчерашната двочасовна блокада на булеварот „Илинден“ во Скопје, тие денеска повторно излегоа на протест.
„За жал, по информациите кои ги добивме изгледите за да се исплати денес плата на вработените од овие фирми се мали и затоа ние како СУТКОЗ, кој е единствен репрезентативен синдикат за комунални дејности, заедно со нашата синдикална организација во ‘Паркови и зеленило“ и вработените во овие три фирми утре повторно ќе излеземе на протест, кој ќе биде порадикален. Ќе бидат блокирани повеќе крстосници на територија на Скопје, а тоа ќе го договориме со вработените во овие три претпријатија“,
вели Кашиковски.
Претседателот на СУТКОЗ вели дека Синдикатот заедно со стручниот тим во „Паркови и зеленило“ иницира да се изнајде нов модел за финансирање на претпријатието, по примерот на земјите од соседството.
„Со оглед на тоа дека има локални избори на 19 октомври, планираме да ги изнесеме нашите предлози на 15 или 16 октомври и да побараме од идниот градоначалник, без разлика кој ќе биде, да го земе тоа предвид како начин за финансирање на ова претпријатие и на фирмите ‘Флораком’ и ‘Луна’“,
рече Кашиковски, додавајќи дека досегашниот начин на финансирање придонесува за редовна исплата на платите и додатоците на плата.
Вработените во „Флораком“ и „Луна“ протестираат речиси цело лето поради нередовна исплата на платите.