Од компанијата потсетуваат дека и покрај временските прилики аеродромот е постојано отворен. Одлуката дали некој авион ќе слета или ќе биде пренасочен ја носат самите пилоти врз основа на прагот на толеранција на намалена видливост што го усвоила секоја авиокомпанија одделно
Како и вчера, така и денеска авиосообраќајот на Меѓународниот аеродром „Скопје“ се одвива во отежнати услови поради густата магла што двата дена од викендот ја окова скопската колтина. Поради намалената видливост, од ноќеска на полноќ, до денеска напладне на скопскиот аеродром се откажани 20 лета, а еден е пренасочен.

Како што информираат од ТАВ Македонија, компанијата што стопанисува со аеродромот, денеска по 11 часот слетале авионите од Дортмунд и од Виена, а во моментов се очекува да полета авионот за Хамбург.
Од компанијата посочуваат дека согласно временската прогноза од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во преостанатиот дел од денот, како и во текот на утрешниот ден.
„Сепак, со оглед на тоа што временските услови се менуваат постојано и секоја авиокомпанија има свој праг на толеранција на намалена видливост, апелираме до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од нивната авиокомпанија“,
велат од ТАВ Македонија.
Оттаму повторуваат дека без разлика на временските прилики, Меѓународниот аеродром „Скопје“ е постојано отворен и неговиот персонал, со аеродромската опрема и системи, е подготвен да ги услужи и авионите и патниците.
Појаснуваат дека аеродром се затвора само со посебна одлука, при што се испраќа авијациска порака НОТАМ до сите чинители во авиосообраќајот. Тоа, како што додаваат, се прави само во исклучителни ситуации кога некој капацитет на аеродромот поврзан со опслугата на авионите не е во функција, или, пак, ако станува збор за општа вонредна состојба.
„Во сите случаи со магла, Меѓународниот аеродром ‘Скопје’ не се затвора, туку е отворен. Притоа чекаме Метео-службата на М-НАВ, како институција во чија надлежност се навигациските системи во авиосообраќајот, да нè извести дека има подобрување на временските прилики – и нас како аеродромски оператор и авиокомпаниите, чии пилоти ги носат одлуките дали ќе слетаат или ќе се пренасочат на друг аеродром зависно од моменталната минимална видливост која самата авиокомпанија одлучила дека ја прифаќа“,
се вели во соопштението од ТАВ Македонија.
Од компанијата потсетуваат дека сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на скопскиот аеродром https://skp.airports.com.mk/, а патниците можат да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24 часа секој ден, со персонал кој е присутен на аеродромот, како и на телефонскиот број 02 3148 333.
Поради намалена видливост од маглата, вчера до 18 часот на скопскиот меѓународен беа откажани 16 лета, а 11 беа пренасочени.
